Ако има зголемување на бројките на заразени во есенските месеци, ќе се враќаат рестриктивните мерки, вели епидемиологот Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје – Скопје и член на Комисијата за заразни болести, за „Телма“.
Според Стојанов, сите услови упатуваат на тоа дека ќе има влошување на состојбата, а не подобрување. Оттаму, Комисијата за заразни болести ќе работи на изготвување на протоколи и параметри за враќање на рестриктивните мерки, вели тој, а мета на мерките ќе бидат местата каде што се групираат луѓето – кафеани, ресторани, ноќни клубови, трговски центри…
Во игра ќе биде и мерката полициски час. Младите се поактивни преку летото, вели Стојанов, но се надвор, а од есен ќе се собираат внатре, особено во вечерните часови.
Според Стојанов, оптималната максимална граница за да можат надлежните да се справат со новодијагностицираните случаи и нивните контакти – е двоцифрен број на новозаболени дневно, со тоа што во Скопје да не се над 30. Сѐ друго значително ја отежнува работата на епидемиолозите, додава тој. Сепак, епидемиологот констатира дека дефинитивно не се почитуваат мерките и дека тие се причината за актуелната состојба и за тоа што не се намалиле бројките како што се очекувало, а тоа, вели, ја прави ситуацијата во есенските и зимските месеци тешко предвидлива од аспект на тоа дали и кои рестрикции ќе се враќаат во сила.
Стојанов е скептичен и дека ситуацијата значително ќе се подобри дури и кога ќе има вакцина:
„Кога ќе дојде вакцината, ќе видиме што ќе правиме со вакцината. Јас сум скептичен и кога ќе дојде дали сите ќе ја примат. Откако знам за себе, луѓето се скептични околу вакцинација, посебно кога се воведува нова вакцина“, вели епидемиологот.