„Стојанче Стоилов покажа синоќа дека не е спортист, туку само играч во ракометот. За спортист треба да бидеш голем човек полн со толеранција надвор од теренот“, пишува на својот Фејсбук профил Рубин Земон – претседател на Сојузот на балкански Еѓипќани и посебен советник за развој на мултикултурно општество, интеркултурализам и интеркултурни комуникации во кабинетот на премиерот Зоран Заев.
Реакциите на овој негов личен и неофицијален став (подвлекуваме: личен и неофицијален) беа поделени, што е и вообичаено на друштвените мрежи. Но дебатата особено се вжешти откако Земон во реплика на коментар под својата изјава го напиша следниов (исто така личен и неофицијален) коментар:
„Секој си има право да си говори на својот јазик. Човекот ги поздрави луѓето на албански, а потоа го стори истото и на македонски. Тоа е негово право и никој не смее тоа да му го оспори, а најмалку СтојанЧЕ, а уште повеќе од тоа да се направи инцидент. Тој прво мораше да остане до крај како ‘спортист’ на годината од лани и да му честита на овогодишниот спортист. Но изгледа човекот е ментално нестабилен. Јас како поранешен ракометар го гледам и на терен, во одбрана е ‘дупка’, најслабата алка, а тоа е баш одлика на ментално лабални, неодговорни и егоцентрични играчи“, напиша Земон.
Иако тој не е осамен во критиките за бурната реакција на Стојанче Стоилов на „двојазичното“ доделување на „Спортист на годината“, многумина сметаат дека овој коментар на Земон е претеран и дополнително го ескалира скандалот.