Медиумскиот бизнис се промени целосно во последните години – од доаѓањето на новите технологии, во начинот на содржината, до проценката на медиумскиот производ – борбата за рејтинг и реклама.
Кога секојдневно правиш вести, тешко ги забележуваш промените во текот на работата, но настаните од последните месец дена ги отрезнија не само политичарите и аналитичарите, туку и нас, новинарите.
Брегзит, воен удар во Турција, напад во Минхен – сето ова се случи во голема мера благодарение на социјалните мрежи, а традиционалното новинарство се одвиваше постфактум, следејќи ги видеата на Facebook и коментарите од Twitter.
Го менуваат ли социјалните медиуми класичното новинарство и од какви информации има потреба светот денес? Што се случува на рекламниот пазар? Кои се ризиците и перспективите во процесот на преструктуирање на медиумите?
Овие прашања си ги поставуваме сите ние кои работиме во телевизии, весници, радија и онлајн-медиуми. Одговорите сепак се важни и за развојот на целото општество. Бидејќи улогата на четвртата власт е да биде коректив и кога таа е силна и независна, институциите исто така почнуваат да работат поефикасно.
“Google, каде згрешивме?”
Денот на Брегзит – 24 јуни 2016 година. Осум часа по завршувањето на гласањето за референдумот во Британија, Google објави тројно зголемување на пребарувања по клучни зборови “што ќе се случи ако ја напуштиме Европската унија”.
“Што е Европската унија” е второто најчесто поставувано прашање на пребарувачот, следат: “Кои земји се во ЕУ?”, “Што значи, откако ја напуштивме ЕУ?” и “Колку држави брои ЕУ?”
Откако со недели милиони корисници споделуваа апели и коментари за предностите на Брегзитот, постфактум се крена дива паника поради неочекуваниот историски пресврт – повторно на социјалните медиуми. Аналитичарите тогаш заклучија: глобалната поврзаност го демократизира пристапот до информации.
Факт е дека недостатокот на ограничувања и граници ја прави Интернет мрежата удобна зона за брзо одобрување на шпекулативни и манипулативни написи. Без филтер и критичност кон информациите, популизмот лесно го пронаоѓа својот пат до корисниците, а во случајот – и до избирачите.
Воениот удар го решија новите медиуми
Турција, ноќта спроти 15 јули 2016 година… Тенкови ги блокираат централните улици и плоштади во Истанбул и Анкара. Освоена е националната телевизија, воените лица се обидуваат да ја сменат власта. Во тие неколку часа, претседателот Реџеп Таип Ердоган ја вклучува камерата на својот iPhonе и стапува во контакт со приватниот телевизиски канал CNN Turk со апел луѓето да излезат на улица и да го заштитат режимот.
По обраќањето на Ердоган на FaceTime неговите советници испратија пораки до над 8,5 милиони негови следбеници на Twitter и Facebook, пратија милиони SMS пораки во целата земја со повикот “заштитете ја демократијата”. Останатото е историја.
Заклучокот е јасен – модерните комуникации го победија походот на тенковите, воената манифестација со ракопис од минатиот век.
Порој на дезинформации
Десет дена подоцна, на 25 јули, Минхен го погоди терористички напад, при кој загинаа девет лица, а десетици беа повредени. Социјалните мрежи пренесуваа во реално време видеа и слики од местото на инцидентот. Со тоа, тие и помогнаа на полицијата, но истовремено ја збунија јавноста.
Следуваа бран лажни пораки и дезинформации, градот потона во паника, а часови подоцна се дозна дека атентаторот се обидел да ги привлече жртвите токму преку пост на неговиот лажен Фејсбук профил. Така на апсурден начин се оствари предупредувањето на Ердоган пред неколку години дека социјалните мрежи се “нож во раката на убиецот”.
Не, целта на овој коментар не е да ги негира новите, брзи и модерни канали на директна комуникација, бидејќи тие водат до поврзување, до солидарност и споделување. Тие ги прават обичните луѓе посилни, ги дисциплинираат политичарите и ја зацврстуваат улогата на колективниот глас.
Каде остануваат традиционалните медиуми, длабинската анализа и експертската прогноза?
Пред речиси две години аналитичарите од Центарот за електронско новинарство кон истоимениот факултет на Универзитетот Колумбија алармираа дека медиумската индустрија во оној вид што го гледаме во моментов е неизбежно осудена да зајде.
Главната причина е финансиската. Во минатото, успехот на традиционалните медиуми се должеше на приходите од реклами. Интернетот сепак стави крај на овој “принуден брак”, бидејќи рекламите денес наоѓаат многу поедноставни и поевтини начини за да стигнат до посакуваната публика. Социјалните медиуми и онајн изданијата се клучниот фактор.
Breaking News, но не на телевизија
Истражување на калифорниски експерти покажува дека во текот на месец јуни за првпат социјалните медиуми се сместија пред телевизијата како главен извор на вести кај возрасната група меѓу 18 и 24 години.
Дури 28% велат дека главен извор на информации за нив е интернетот, а 24 отсто – телевизија. Социјалните медиуми се издвојуваат како главен извор на вести меѓу онлајн корисниците кои користат паметни телефони за да се издрогираат со дневната доза информации. Во првите позиции тука се рангираат Facebook, YouTube и Twitter.
Еве што прогнозираат од шведската компанија Ериксон. За пет години поголемиот дел од корисниците во светот ќе користат сматфони, а секои два од три долари давани за пристап до интернет, ќе бидат за мобилни, а не за фиксни мрежи.
Според прогнозите на компанијата до 2020-та вкупниот број на мобилни претплатници ќе го надмине бројот на населението, со тоа што овој раст ќе донесе можности за нови приходи за производителите на мобилни уреди и со тоа мобилните оператори ќе го прилагодат бизнисот и ќе започнат да нудат услуги според новите услови.
Бројот на паметни телефони, според истражувањето на шведската компанија ќе надмине 6 милијарди уреди за помалку од пет години, а придонес за тоа ќе имаат пазарите во развој.
„Овој огромен раст ќе доведе до информациска револуција, слична на воведувањето на дискетата“ , коментираат експертите по пазарни стратегии во секторот.
Одделен извештај на консултантската компанија PriceWaterhouseCoopers предвидува исто толку големи ефекти за медиумската индустрија, бидејќи во иднина видео стримингот ќе биде одговорен за поголемиот дел од мобилниот интернет сообраќај.
Смартфонот и таблетите ќе се претворат во основен инструмент на корисниците за пристап до информации и забава. Новата средина веќе е факт и медиумите ќе треба да се прилагодат на неа.
Нa кои маргини да се реструктуира индустријата?
Идеи за насоки даваат од колумбискиот Центар за електронско новинарство. Според научниците во моментов никој не знае што точно се случува со медиумите. Додека многу од истражувачите се фокусираат на финансискиот дел за изнаоѓање на успешен бизнис модел, екипата на истражувањето доаѓа до заклучок дека достигнувањето до претходните приходи од рекламирање е невозможно, а најдобрите времиња се неповратно минато.
Излезот е во изградба на добро новинарство на нов начин. Според експертите медиумите треба да се прилагодат кон сегашноста, а во неа не присуствува класичната индустрија, каде њузрумот, уредничкиот процес, изворот на приходи и крајниот производ би биле предвидливи.
Клучот е во специјализација, вклучувајќи различни теми и повеќе технички вештини. За добро новинарство треба да се обезбеди индиректно јавно финансирање. Платена претплата изгледа како малку веројатна опција, бидејќи публиката никогаш не ја превзема самата цената на вестите, туку оваа улога се покрива од рекламодателите.
Каква е глобалната слика во моментот?
Повеќе од половина жители на Земјата имаат пристап до интернет. Речиси една третина од луѓето активно комуницираат преку социјалните мрежи, со тоа што трендот е кон се поширок опсег на корисници. Тоа значи дека се случува еден натпревар за информации кои ќе не нападнат по безброј формални и неформални канали.
Правењето на дистинкција помеѓу вистината од шпекулациите во протокот на информации кои ќе не преплават ќе биде потешко, а времето посветено за содржинско осмислување – се помалку. Лоша особина на социјалните медиуми е што ја убиваат квалитетната содржина. Луѓето се привикнуваат да читаат побрзо, површински и сакаат да добијат се, колку што е можно поконцизно и час поскоро. Насловите стануваат поважни од содржината.
Изборите се прават без темелна анализа, а следејќи ги трендовите мерка за квалитет стана бројот на лајковете.
Недостатокот на критичност создава поволна средина за ширење на популизам, шпекулативност и манипулација, а сето тоа доведува до кризи и нестабилност.
Кое е решението за враќањето на медиумите и новинарството во улога на коректив?
Специјализирани професионалци во овој сектор кои ќе пронајдат нов механизам на финансирање, што понатаму ќе ги оддалечи медиумите од притисокот на политички и економски интересни и да ги претвори во достојни носители на титулата “четврта власт”. За таа цел, сепак е важна и поддршката на општеството. Зашто, ако има побарувачка, се појавува и понудата.
Ако луѓето се обложуваат на квалитетот и го бараат него во медиумскиот производ, тогаш преструктуирањето на индустријата ќе стане природен внатрешен механизам. Ако не, наместо конекција, солидарност и споделеност, ќе добиеме еден свет занован исклучиво на лични интереси.
Тогаш ќе имаме беспрекорни канали за комуникација, но ќе ни недостасува најважното – вредна порака што ќе биде споделена.
Социјалните медиуми не ги убиваат традиционалните, но ги предизвикуваат. Ги предизвикуваат да се реформираат, да станат пофлексибилни и можеби да се вратат кон суштинската намена – да информираат, едуцираат и забавуваат, но најмногу да го следат и наметнат јавниот интерес.
Каузата може да стане заедничка – секој да пронајде нешто корисно кај себе и да го присоедини кон вкупниот производ.