Среќникот што се роди во национален парк

sonoran

Шон Марфи од Аризона го потпиша договорот на својот живот. Марфи ја продаде својата куќа со површина од 241 m², во која живее 17 години, за 4 милиони долари. Купец му е градот Скотсдејл, а најинтересно од сé е што Шон нема да мора да го напушти својот досегашен дом.

Куќата на Марфи е опкружена од резерватот Мекдауел Соноран, основан во почетокот на 90-тите години, кој првично се простирал на површина од 3000 акри. Градот му ја откупи со цел да ја приклучи во заштитената зона, која денес вклучува 30.000 акри земјиште.

Првично, понудата на градот била 2.69 милиони долари, но проценителот, ангажиран од Марфи, прогласил вредност од 6.59 милиони. На крајот, двете страни прават компромис и договараат сума од 4 милиони долари.

Малку бекграунд: Не е баш дека Марфи го поседувал имотот. Во САД тоа функционира поинаку – имотот го поседува државата, но корисниците поседуваат право на користење, сé додека редовно ги плаќаат даноците (ако три години не платат данок, државата си го зема имотот). Ова право на користење е подложно на продажба т.е. корисникот може да го продаде на друг.

Токму од тоа и се плашела Аризона, т.е. градот Скотсдејл т.е. резерватот. Сé ова се врти околу дилемата за ефектот на приватните имоти врз јавните добра. Имено, во САД е чест тренд богатите да купуваат имоти среде природни резервати, каде што потоа градат луксузни куќи или ранчови. Со тоа често се менува самиот изглед на заштитените зони.

Па така, директорот на резерватот Кори Екбау изјави дека договорот е позитивен за заштитената зона, а го пофали и Марфи дека се докажал како добар сосед. Во случај тој да ја продадеше својата куќа на други, истото (дека ќе бидат добри жители среде паркот) немаше да биде гарантирано.

Како бонус, Шон Марфи задржува дел од своите права, т.е. ќе може непречено да живее во својата куќа сé до својата смрт, без да плаќа било каков наем. Единствена обврска ќе му биде да го одржува имотот и да ја реновира куќата кога ќе има потреба.

Според Wall Street Journal, се очекува бројот на слични зделки како оваа на Марфи значително да се зголеми во скоро време, со оглед на тоа дека владата почна сериозни напори во насока на максимална заштита на природните резервати.

„Луѓето доаѓаат во парковите и резерватите за да избегаат од градската суета, а наидуваат  баш на неа. Тоа не смее да биде така“, велат од резерватот.

По смртта на Марфи, кога ќе добие целосно право на имотот, градот ќе биде тој што ќе решава што ќе прави со имотот. Ако најдобрата опција се покаже да биде срушен до темел, ќе биде срушен до темел. Ама луксузни палати нема да има.

- Реклама -