Средновековно италијанско село што се врати од мртвите – со интернет

Нагоре по стрмните падини на Алпите, во близина на италијанската ривиера, во средината помеѓу Џенова и Ница, се наоѓа старото средновековно село Колета ди Кастелбјанко. На прв поглед тоа се само еден куп стари камени куќи со покриви со црвени керамиди и прозорци обоени во светло-сина и бела боја.

Но зад овие средновековни фасади се крие една прилично хај-тек атмосфера. Можеби не толку „хај“ според денешните стандарди, но според поранешните – дефинитивно. Секој од домовите има broadband интернет конекција и сателитска телевизија, а во селото има софистициран бизнис центар со телеконферентна, факс и аудио-визуелна опрема, пишува Amusing Planet.

Колета ди Кастелбјанко е основано во 13-тиот век, најверојатно за одбрана од Сарацините. Но, во последните неколку векови неговите жители постепено го напуштаат во потрага по подобра и неземјоделска иднина. Кога земјотрес го погодува селото во 1887 година, тоа го забрзува темпото на трендот на депопулација, а веќе во 1950 година, селото е целосно напуштено.

Сепак, на крајот на 1990-тите од минатиот век, на некој му текнува да стави интернет во селото, со што Колета ди Кастелбјанко се претвора во едно од првите „електронски“ села во Европа. Со новите телекомуникациски технологии, идните жители имаа(т) можност да живеат во смирената осаменост на провинцијата Лингурија, но да останат во контакт со целиот свет благодарение на информатичките ресурси кои им беа дадени на располагање.

Денес имотите во Колета ди Кастелбјанко се неверојатно скапи. Според текстот објавен во Italy Magazine во 2008 година, најскапата куќа во продажба во тој период чинеше 587.000 евра. Подостапните домови почнуваат од 137.000 евра, па нагоре.

Денес селото е редовно дом на разни културни манифестации, изложби и концерти, како и кулинарски настани посветени на италијанската храна и вино.

- Реклама -