Средниот иницијал во името прави да изгледате попаметни

Можеби звучи како клише, ама користењето на среден иницијал може да направи да ве перцепираат како личност со повисока интелигенција.

Така покажува студијата на психолозите Винанд Ван Тилбург и Ерик Игу, спроведена на 85 доброволци. Резултатите велат дека користењето на среден иницијал ги зголемува туѓите оценки на вашите способности за пишување и интелектуалниот статус, но само кога е во прашање интелектуална работа.

На пример, на испитаниците им било дадено да прочитаат цитат посветен на Ајнштајновата теорија на релативитетот. Дел од испитаниците добиле цитат потпишан од авторот „Дејвид Кларк“, додека другите добиле цитати потпишани од „Дејвид Ф. Кларк“, „Дејвид Ф. П. Кларк“ и „Дејвид Ф. П. Р. Кларк“. Цитатите потпишани со среден иницијал добиле повисоки оценки за квалитетот на пишаното, за разлика од оние потпишаните само со име и презиме.

Да повториме, ова важи само во полето на интелектуалната работа. Со други зборови, немојте да се претставувате на забави како Дејвид Ф. Кларк, на пример, ама ако пишувате книга или сакате да го засилите вашето CV, паметно е да вклучите уште еден иницијал во името.

- Реклама -