Средба Заев – Курц: Премиерот се закити со австриски орден

При денешната посета на премиерот Зоран Заев во Виена, австрискиот канцелар Себастијан Курц му го додели орденот Алоис Мок. Орденот му е врачен за заслугите во постигнувањето на договор за долгогодишниот спор со Грција околу името.

Алоис Мок е познат како политичарот што ја пресече Железната завеса, но и човекот најзаслужен за влезот на Австрија во Европската Унија.

На заедничката прес-конференција, Курц истакна дека Преспанскиот договор е историски чекор за Македонија, но и целиот регион.

„Поради тој договор, во името на Република Австрија, сакам да ви оддадеме признание. Ви го доделуваме орденот Алоис Мок. Мок имаше голема улога во патот на Австрија кон членството во ЕУ, но беше значаен и за многу земји од Источна Европа и Западниот Балкан“, порача Курц.

Тој рече дека му е посебно драго што денес можел да разговара со Заев во Виена, бидејќи тоа било прилика да му честита на постигнатиот договор.

„Спорот околу името беше предизвикувачко прашање за кое беше потребно долго време да биде решено, а предизвика и многу емоции во Македонија и Грција. Тоа беше прашање кое мораше да се реши. Тоа им обезбеди европска перспектива на сите држави од Западниот Балкан, а исто така и на Македонија“, порача австрискиот канцелар.

На прашањето од новинарите за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан, Курц одговори дека не би било корисно да се зборува за датум за прием на нови членки во ЕУ, бидејќи, како што рече, сé зависи од исполнувањето на критериумите од страна на државите во регионот.

„Она што го гледам во Македонија е дека постои силна волја земјата да се движи кон ЕУ, а гледам и дека земјите испорачуваат резултати. Решението околу името е секако историски чекор за кој треба да му се оддаде признание на Скопје. Сметам дека ЕУ има позитивен став во врска со тоа прашање“, изјави Курц.

Премиерот Заев орденот го оцени како признание за европските соништа на Македонија.

„За нас тоа е голема чест, а за мене голема обврска во иднина и понатаму да се залагам за европската иднина како на нашата земја, така и на Западниот Балкан“, порача Заев.

 

Тој ја истакна поддршката што Австрија им ја пружа на сите земји во регионот и дека таа е многу важна за стабилноста на Западен Балкан.

Заев потсети и дека македонското собрание ги изгласа уставните измени со двотретинско мнозинство, како и дека по ратификацијата во грчкиот парламент, повеќе нема пречки за Преспанскиот договор.

„Тој договор е пример како во иднина можат да се решаваат билатералните прашања. Знам дека овој договор ќе охрабри многумина да преземат уште похрабри чекори“, уверен е тој.

По 27 години, од самото прогласување на независноста, решен е еден спор кој носи шанса за подобра иднина на граѓаните, но и отстранување на пречките на патот кон членството во најголемите сојузи – ЕУ и НАТО. Со овој договор земјата нема веќе да се вика Поранешна југословенска република Македонија, туку Република Македонија, потсети Заев.

Тој исто така оцени и дека опозициските партии во Македонија, како и во Грција, и покрај протестот, сакале да се реши овој проблем. „Ако оваа влада не го решеше овој проблем, следната, во која можеби би биле тие партии, ќе мораше да се бави со тоа прашање. Со овој договор решивме важна работа“, констатираше Заев.

Македонскиот премиер рече дека очекува дека веќе идниот месец Македонија ќе го заземе своето место во НАТО, а потоа ќе следи и прием за полноправно членство во Алијансата. Исто така, Заев очекува и дека ЕУ ќе даде датум за отпочнување на пристапните преговоди, додавајќи дека е уверен дека Македонија ќе направи напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата.

Што се однесува до соработката со Австрија, Заев истакна дека австриските претпријатија се меѓу најголемите инвеститори и дека посебно се радува на растот во трговската размена остварена минатата година.

„Минатата година нашата трговска размена порасна за 60 отсто, од 180 милиони евра, на 254 милиони евра“, се пофали премиерот.

Извор: Танјуг

Заедничкиот прес ќе го најдете на официјалниот сајт на Владата.

 

- Реклама -