Средба Мицкоски – Орбан: Договорен заем од 500 милиони евра и специјална економска соработка со Унгарија

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во Вашингтон, САД,  имал средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан со кој договориле во иднина да воспостават специјална економска соработка согласно која министерствата за финансии на двете Влади ќе отпочнат процес во којшто унгарската Влада ќе и позајми на македонската Влада сума од 500 милиони со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години. Дополнително, земјава ќе може да се обрати за дополнителна економска поддршка.

-Денеска заедно со премиерот на Унгарската Влада, господинот Виктор Орбан имавме исклучително квалитетна и плодна средба. Разговаравме за неколку теми меѓу кои и темата којашто можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија. Во името на таа соработка се договоривме дека веднаш сега одговорните лица, министерствата за финансии на двете Влади да отпочнат процес во којшто Унгарската Влада ќе и позајми на Македонската Влада сума од 500 милиони евра под следните услови, а тоа се камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години, информира Мицкоски по средбата.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Според него, имајќи предвид дека се воспоставува специјална економска соработка, тоа ќе подразбира дека во иднина кога ќе има потреба од такво нешто, земјава ќе може повторно да се обрати до нашиот специјален економски партнер – Унгарската Влада и да побара поддршка дополнителна што ќе биде потребна за македонската економија.

-Сакам да ја информирам македонската јавност дека овие 500 милиони евра ќе бидат употребени на следниот начин: 250 милиони евра директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3.25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Македонската економија ќе добие услови кои што до сега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти кои што ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните. Македонија се сака со дела, продолжуваме понатаму и овде во Вашингтон, истакнува.

Во соопштението што денеска го испрати владината прес-служба, денеска завршува НАТО Самитот, и се завршува со одбележувањето на 75 години од формирањето на НАТО Алијансата. Македонската делгација поладне ќе замине за Њујорк, каде утре и задутре ќе има средби со тамошните македонски иселеници.

- Реклама -