Србија денеска ѝ испраќа медицинска помош на Италија, помош ќе добие и секоја друга членка на ЕУ што има потреба – најави Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ и гувернерот на италијанската покраина Венето – Лука Заја, 2018 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ќе присуствува на испраќањето на помошта од медицинска опрема за борба против Ковид-19 која Србија ќе ѝ ја донира на Италија.

Како што соопштија од прес службата на Вучиќ, помошта ќе полета од аеродромот „Никола Тесла“ во 12.30 часот.

Помошта Вучиќ ја најави вчера, по состанокот со претставниците на ЕУ и амбасадорите на земјите членки. Вучиќ им соопшти на новинарите дека разговарал со гувернерот на италијанската покраина Венето – Лука Заја, и дека му понудил помош на регионот во „моменти кога тоа е тешко и важно“.

„Верувам дека со своето однесување во регионот покажавме дека можеме да ја понудиме својата солидарност и помош и на оние со кои не разменуваме секогаш најубави зборови“, рече Вучиќ.

Прочитајте и:  Извештај на ЕК: Без санкции против Русија, приближување со Кина - се отвора прашање за стратешката насока на Србија

Српскиот претседател истакна и дека Србија има нешто повеќе заштитна опрема отколку што ѝ е потребна, па и нешто повеќе респиратори отколку што ѝ се неопходни сега, укажувајќи дека Србија е подготвена, ако тоа ѝ е потребно на било која земја членка на ЕУ, да им испрати помош во рок од 12 часа.

Вучиќ претходно, во име на Србија, ѝ се заблагодари на ЕУ за помошта во борбата против коронавирусот во износ од 93 милиони евра, од кои 15 милиони за медицински потреби, а 78 милиони евра за поддршка на економијата, но и за солидарноста за време на поплавите во 2014 година.

 

- Реклама -