Срамен пораз од Србија за крај на најлошиот квалификациски циклус на Македонија

Македонската фудбалска репрезентација доживеа дебакл во Јагодина, загубивме со 5-1 од Србија за крај на најлошиот квалификациски циклус во нашата историја.

Очајна претстава на македонската репрезентација, со поразот од Србија на последното место на табелата ги завршуваме квалификациите за Светското првенство во Бразил.

Додека останатите репрезентации одат напред, македонскиот фудбал не ни страгнира, Македонија тоне, и се чини дека веќе го достигна дното.

Потребни се сериозни и коренити реформи во нашиот фудбал за тој да им носи радости, а не срамни резултати на македонските навивачи.

Вчера во Јагодина доживеавме еден од најголемите порази, Србија не прегази со 5-1, одигравме очаен натпревар.

Серијата погодоци за Србите започна со автогол на Ристовски во 16. минута, само три минути подоцна расположениот Баста зголеми на 2-0.

Во 38. минута судијата покажа на белата точка по еден старт на Грнчаров во нашиот шеснаесетник, Коларов беше сигурен реализатор на најстрогата казна за убедливи 3-0.

Србија продолжи со нападите и во вториот дел, а ние не можевме ниту шанса да креираме пред голот на Стојковиќ.

Во 54. минута Тадиќ го постигна четвртиот гол за домаќините, а Шќеповиќ во 73. реализираше за петарда во мрежата на Пачовски.

Само минута подоцна откако влезе во игра, Адис Јаховиќ по одличен соло продор постигна почесен погодок за Македонија.

Крај на најлошиот циклус во историјата на македонската репрезентација, резултати и игра кои мора да покренат многу прашања за иднината на најпопуларната игра.

Се надеваме дека ова ќе биде сериозно предупредување до фудбалските власти во Македонија бидејќи дното е допрено.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -