Капацитетот за репродукција на мажите и жените постари од 30 години доживеа „рапиден пад“ во последните децении, заради промената на животните навики, но и заради промената во животната средина – наведуваат индиските експерти. Тие истакнуваат дека до пред само две децении, повеќето жени постари од 30 години можеа да затруднат без проблеми, а дека денес „кај голем број дури и од младите жени, единствена шанса да затруднат е вештачкото оплодување“.
За разлика од мажите, кои во текот на животот секојдневно произведуваат сперматозоиди, жените се раѓаат со конечен број на јајце-клетки. До 20-те години од животот, тој број се движи од 1 до 2 милиона, а потоа опаѓа на 100-200 илјади. Сепак, не е бројот пресуден за плодноста, туку е квалитетот.
„Најголем квалитет јајце-клетките имаат во раните и средните 20-ти години од животот. Зачнувањето по триесеттите станува сé потешко заради денешниот начин на живот на луѓето. Седат многу, не се движат, се конзумираат алкохол, цигари и кафе во големи количини“, вели Мајури Асудани – шеф на одделот за вештачко оплодување во Нагпуру.
Асудани истакнува и дека менопаузата се јавува сé порано кај жените.
„Шансите за побацување се зголемени кај жените во триесетите години од животот, а забележуваме и повеќе генетски проблеми. Сега жените во четириесетите сé поретко имаат здрава бременост, а шансите за природно зачнување една деценија подоцна се практично никакви. Промените во животните навики ја поместија и менопаузата, во која жените денес влегуваат многу порано, често и во раните четириесетти“.
„Квалитетот на спермата исто така опаѓа од деценија во деценија. Сега забележуваме пад и во квантитетот и во квалитетот, а тоа е исто така поврзано со животните навики, заради разните отрови во опкружувањето, ама и алкохолот и цигарите“, наведуваат индиските доктори.