Мистеријата на мечот во главата на Кралот срце

Кога играш бриџ фокусот баш и не ти е во деталите на картите. Во спротивно, на многу од нас ќе им паднеше чудно што Кралот во знакот на срце е баш така насликан.

Освен што е единствениот крал во шпилот кој нема бркови, тој е и единствениот крал што има извлечен меч, а картата изгледа токму како да е насликана во мигот во кој кралот се самоубива. А не е никаква новост; кралот во знакот срце така изгледа најмалку од 1680-тите години.

Со векови, уметниците од разните култури и делови на светот, изработуваа секакви видови на карти за играње, но картите низ историјата се сметани за неморален чин, па многу земји и ги забранувале. Со оглед дека картите низ историјата се цртани на секакви видови на хартија, често биле оштетени, уништени или изгубени. Токму заради тоа, денес е тешко да се воспостави конкретен тајмлајн на развојот на картите за играње или стиловите на нивно украсување, но шпиловите кои денес постојат сепак раскажуваат некакви приказни, можеби не многу детални, но сепак интересни.

Некои истражувачи сметаат дека првиот шпил карти се појавил уште во Древен Египет, но сè уште нема откриено докази кои би го потврдиле или побиле таквиот став. Првиот шпил карти за кој знаеме со сигурност, потекнува од 14-от век од Европа – тоа се картите што ги знаеме и денес, а се развиле од претходни верзии, истите тие верзии од кои настанале и Arcana Minor (тарот картите).

Шпилот од 56 карти Arcana Minor е базата на денешниот класичен шпил од 52 карти. Од него се избришани 4 карти кои се наоѓале меѓу десетката и тогашниот „Витез“. Волшебните жезла станаа треф, монетите станаа баклава, мечовите – пик, а пехарите -срце.

Земајќи ги во предвид промените направени меѓу класичните карти и тарот картите, доаѓаме до заклучокот дека Кралот срце произлегува од тарот картата – Кралот на пехарите. Повеќето од тие што се бават со тарот карти сметаат дека Кралот на пехарите симболизира мирен ум во склад со емоциите, па оттаму се поставува прашањето како тоа Кралот срце добил сосема спротивни карактеристики.

Некои сметаат дека Кралот срце е всушност слика од вистински крал од историјата, со оглед на тоа дека уметниците во минатите векови на картите ги цртале главно кралевите на своите земји. Но, гледано историски, не постои ниту еден крал кој си го одземал животот. Сепак, има неколку кралеви кои умреле од трагична смрт…

… Како на пример, Александар Македонски, кој умрел во 323-тата година п.н.е. Го прикажуваат како Кралот срце, наводно, заради неговата болка по смртта на неговиот „љубовник“/другар Хефестион.

Други сметаат дека кралот срце всушност е францускиот крал Карло VII, кој полудел откако добил гихт на устата, заради што не можел нормално ниту да јаде, ниту да пие. Модерната теорија вели дека во еден момент на лудило, сам себе си го пресекол вратот, за да може нешто да се напие. Наводно, Кралот срце го прикажува тој чин.

Има и пар историчари што сметаат дека Кралот срце го претставува Ајант (Ајакс), додека Кралицата срце е Елена од Троја, најубавата жена во светот. Ајант бил еден од додворувачите на Елена, а кога таа го одбила, тој избрал да изврши самоубиство, прободувајќи се со својот сопствен меч.

Сепак, теоријата која е веројатно најблиску до реалноста, е дека се работи за (човечка) грешка. Приказната вели дека некаде пред 1680 година, бил најмен уметник за да осмисли нови карти, базирани на француските карти од Руен од 1516 година. Наводно, во текот на изработката, го отсекол долниот дел на картите, кои сега ги прикажувале сликите до половината. Во прилог на оваа теорија одат многуте сличности меѓу денешните карти и картите од Руен. Во Руенскиот шпил, кралевите во знакот на срце и баклава имаат секири, но кралот срце својата ја држи подигната кон небото, спремен за битка. Наводно, заради ограничениот простор, уметникот ја нацртал секирата зад главата на кралот, за сликата да остане достојна на оригиналот. Подоцнежните уметници веројатно не забележале (или не се ни потрудиле) дека рачката на секирата нема штитник за раката, па почнале да го сликаат Кралот срце со меч зад главата. А заради дводимензионалната перспектива, сега мечот изгледал како да е забиен во главата на кралот.

Извор: Cafe.ba

- Реклама -