Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на втората седница на Анкетната комисија за случајот со Клиниката за онкологија, информира дека се водат финансиски истраги за околу седум лица од Клиниката.
– Секој за кој ќе се утврди вина, ќе треба не само да биде во притвор, туку и да носи одговорност пред надлежниот суд и на крајот да биде осуден. Досега постапувавме по неколку наредби за обезбедување на докази и паралелно за повеќе лица веќе се водат и финансиски истраги. За околу седум лица покрај кривичната истрага се води и финансиска истрага во однос на овој процес. Доказите се обезбедени, одземени се електронските уреди, одземени се здравствените картони и на тоа што го пишува во документите и она што е во електронските уреди не може да влијае никој. Тоа е непобитен факт, изјави Спасовски, одговарајќи на прашање поставено од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.
Спасовски информира дека во времето додека Беким Сали бил министер за здравство не е пријавено ниту едно кривично дело во ОЈО или МВР за Клиниката за онкологија.
-Првото дејствие го преземаме на 1.9.2023 година, кога сосема друг е министер. Ниту претседател на државата, ниту премиер, ниту некој друг не може да изврши притисок на ова што го работиме и да ги негира доказите кои што сме ги обезбедиле со Основното јавно обвинителство, рече Спасовски.
МИА