Спасовски: Размислуваме за зголемување на казните за неносење маска

Владата размислува за опцијата да ги зголеми казните за неносење маски, односно паричниот износ на казната за непочитување на оваа мерка против ширење на Ковид-19, а одлуката ќе зависи од проценката дали за тоа има потреба, најави денеска министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски.

Како што истакна тој, обемот на работа на полицијата на ова поле е зголемен, а во претстојниот период ќе има сѐ повеќе контроли, вклучително и во угостителските објекти и разните собири на граѓаните.

„Правиме сѐ што треба да биде направено во овој момент за сите оние кои не ги почитуваат мерките. Ќе мора да носат некаква одговорност“, рече Спасовски, додавајќи дека работата на полицијата и понатаму ќе се интензивира со цел да се влијае на тие лица кои, како што рече, „не се почитуваат самите себеси и не ги почитуваат своите семејства со тоа што не се зашититуваат и се изложуваат на ризик да бидат заразени“ и со тоа директно ги загрозуваат живот и здравјето на граѓаните.

Казни се наплаќаат и сега, потенцираше Спасовски, но посочи дека тој процес ќе биде уште поедноставен откако, според неговите очекувања, наскоро на дневен ред во Собранието ќе бидат ставени и изгласани усогласувањата на соодветните закони со Законот за прекршоци, доставени уште пред распуштањето на претходниот парламентарен состав.

 

- Реклама -