Спасовски очекува ИВЗ да продолжи да ги почитува одлуките на Владата во насока на тоа да се зачува животот и здравјето на граѓаните. Тоа било разговарано со верските лидери во државава уште на почетокот на кpизата, истакна премиерот во гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, прашан како ги толкува зaкaните од поглаварот на ИВЗ – Сулејман Реџепи.
„Мислам дека тука одговорност имаат сите – не само државните органи, не само носителите на функции, туку одговорност имаат токму и водачите на верските заедници и мислам дека досега имаат почитување со некакви можеби исклучоци.
Знаете дека ИВЗ донесе одлука не работеа џамиите во овој период. Јас очекувам дека таа одлука ќе биде одлука врз основа на која што и понатаму ќе се продолжи со работењето сѐ со цел да немаме никаков ризик по животот и здравјето на граѓаните. Така што, важно е да се почитува. Тоа што ќе имаме јавни настапи и начин на којшто ќе се соопштуваат некакви одлуки и лични ставови тоа се нивни работи и тука јас не се мешам воопшто.
Меѓутоа, треба да се знае дека тоа што е одлука на Влада, тоа што е одлука што важи за сите мора да важи подеднакво за сите без разлика од каде доаѓаат“, истакна Спасовски.
Во интервјуто, Спасовски истакна и дека сите одлуки кои ќе се донесат на Влада апсолутно не се детерминирани од било какви верски празници, ниту по нечие барање и желба.
„Ако ги носевме мерките само заради тоа што некој предложил да се носи таква мерка или само заради тоа што им се допаѓа на одредена група на луѓе тогаш тоа не се сериозни мерки, што ќе дадат резултати“, рече Спасовски.