Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува денеска да биде испратена во Турција целокупната потребна документација за екстрадиција на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
– Започната е целосната постапка, доставени се сите материјали до Министерството за правда. Според моите информации и разговор со министерот уште вчера се работи на подготовката и на преведувањето на целосната документација. Очекувам дека денеска таа целосно ќе биде веќе испратена во Турција, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на СВР Охрид.
Спасовски потврди дека Палевски патувал со македонски пасош.
За Палевски беше распишана меѓународна потерница преку Интерпол. Тој беше уапсен во Турција и се чека негова екстрадиција. Тој преку Белград и Бугарија пребегна во Турција.
За адвокатот Васко Стојков, со кого Палевски замина во Белград, како што информираше Спасовски, сè уште трае распитот, а за возачот кој го превезе Палевски во Турција ќе биде поднесена кривична пријава.
Прашан дали се знае кога точно е убиена Вања, министерот рече дека она што го имаа кажано на заедничката прес-конференција со главниот јавен обвинител било врз основа на исказите од осомничените, а најточниот податок кога е настапена смртта ќе го даде обдукцијата.
– Меѓутоа, тоа не се само искази, туку искази што се потврдуваат и со низа докази, видео материјали, мета податоци итн. Инаку, најточниот податок како доказ во тој дел ќе го даде извештајот од Судска медицина од обдукцијата, рече Спасовски.
Сè што е пронајдено како материјален доказ, рече Спасовски, е доставено до Јавното обвинителство.