Првиот човек на МВР – Оливер Спасовски, одговори на прозивките и повиците за оставка во јавноста и на социјалните мрежи, а кои се однесуваат на „потфрлањето“ на МВР во обидот да го најде и приведе осудениот експремиер Никола Груевски. Спасовски смета дека одговорноста не може да се бара кај МВР, ниту кај него лично, туку критиките ги пренасочи кон судиите, т.е. кај „оние кои не им одредуваат притвор на луѓе кои се во опасност да избегаат“:
„Замислете има притвор за тешка кражба, а за тешки кривични дела нема притвор. Полицијата работи врз основа на наредби од судот. Постојат мерки за обезбедување а тие ги обезбедува судот“.
Спасовски објасни и дека личното 24-часовно обезбедување на кое Груевски има право како експремиер на државата, не значи дека Груевски бил под 24-часовен надзор. Тоа обезбедување Груевски го користи по потреба, на негов личен повик, а последен пат истото имало контакт со Груевски на 8-ми ноември, кога го оставило дома некаде околу 23 часот.
Видео: Телма