Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ – Оливер Спасовски, смета дека не треба да биде дел од новото раководство на партијата.
Во новиот тим на СДСМ треба да бидат нови луѓе кои имаат енергија и една поинаква визија и кои се граделе и растеле со партијата, изјави тој во синоќешното гостување во „Клик плус“ на ТВ21.
„На новиот претседател треба да му се даде можноста, како што ја презема одговорноста да биде лидер и да ја предводи партијата, да му се даде полно право во изборот на неговиот тим. Тој избор треба можеби да го направи од нови луѓе и затоа сметам дека не треба да бидам дел од новиот тим, сѐ со цел да не го обременуваме ниту претседателот, ниту неговиот тим“, рече Спасовски.
Според ТВ21, оваа изјава на Спасовски е потенцијална најава дека тој нема да биде дел од новиот владин состав, односно дека заминува и од позицијата Министер за внатрешни работи.