„За мене најдобро е Зоран Заев да биде тука, и на чело на партијата и на Владата во овој период. Сѐ е можно секогаш, меѓутоа ако ги гледаме неговите ставови во однос на моралната посетавеност, не знам дали е возможно“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во „Утрински брифинг“.
„Знаете дека претседателот Заев носеше многу храбри одлуки, многу атипични одлуки кои во еден момент не можеа да бидат разбрани, за подоцна да сфатиме дека тоа било добро. И сега гледам дека има многу забалешки дали е сега моментот таква одговорност да се поставува пред граѓаните и општеството во делот на активностите“, рече Спасовски.
Нагласи дека прашањето е во „сврзното ткиво“.
„Една ваква сериозна коалиција што се базираше на јасно поставени стратешки цели, на европскиот пат, што почна сериозно да го гради концептот ‘Едно општество за сите’, што направи добра економска основа за развој на државата, е нешто што ќе има потреба од капацитет каков што Заев го има за да ги обединува силите и структурите и во партијата и во коалицијата“, оцени тој.
Инаку, за утре е закажана седница на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ на која, како што е најавено, треба да се расправа по најавената оставка од лидерот на партијата Зоран Заев.
На прашањето како функционира Владата односно владиниот кабинет, Спасовски посочи дека функционира со истиот капацитет како и претходно и тоа, истакна, мора да биде така во интерес на граѓаните и на државата во прв план.
Спасовски најави дека не размислува да се кандидира за претседател на СДСМ. За него, како што рече, е важно што ќе се случува со партијата и со државата. Сепак, не очекува дека ќе има многу кандидати, меѓутоа, потенцира, низ демократски процес во кој секој еден член ќе одлучува кој ќе биде новиот лидер на партијата, секој има право со својата визија, програма со која ќе настапи – да се кандидира.
Прашан дали ќе опстои оваа влада до 2024 година, дали тоа би било купување врема со оглед на тоа што опозицијата бара предвремени избори, Спасовски е дециден дека Владата има сериозен капацитет.
„Доколку добро се постават работите во делот на нашите стратешки приоритети, начинот на функционирање на Владата, блискоста со граѓаните, може да придонесе не само да има одржување на Владата подолг временски период, туку таа Влада да има резултати, препознаени од граѓаните. Тоа е најважно“, рече Спасовски.
Извор: МИА