Како и за секоја Нова година и други празници, полицијата и на 31 декември ќе работи по посебен оперативен план, со тоа што овојпат во нивните активности е вклучена и контролата на почитувањето на мерките против ширење на ковид-19. Според оперативниот план за претстојната новогодишна ноќ, полицијата ќе биде распоредена на целата територија на државата, особено во местата каде што може да дојде до поголеми групирања (вклучително и туристичките места), а фокусот ќе биде, наместо на тоа да биде видлива, полицијата да биде ефикасна во овозможувањето последната вечер од годинава да помине во најдобар ред, но и да се почитуваат мерките, посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за „Сител“.
Дел од планот е и телефонскиот број кој полицијата го отвори за да можат граѓаните да ги пријавуваат своите сограѓани доколку организираат прослава што би го зголемила ризикот од ширење на вирусот, посочи министерот. Според него, неосновани се обвинувањата дека тоа значи враќање во времето на кодоши и УДБА (како што коментираат многумина на социјалните мрежи):
„Суштината на проектот е да бидеме партнери со граѓаните, и тоа е така секаде во развиениот и демократски свет. Ова не е враќање во некакво друго време. Тоа друго време беше време во кое власта правеше следење и прекршување на човековите слободи и права. Меѓутоа, да се изборите за почитување на законот, да се изборите за почитување на одлуките, да се изборите за заштита на здравјето на граѓаните, тоа не е никакво недолично однесување, туку напротив, едно одговорно, партнерско однесување на граѓаните“, рече Спасовски, додавајќи дека смета дека проектот ќе помогне, бидејќи и досега, во изминативе денови, имало голем број пријави од граѓани за прекршување на мерките, кои придонеле до спречување на таквите забави.
Прашан што ќе биде дозволено, а што забрането на новогодишната ноќ, Спасовски посочи на одлуките на Владата и мерките за кои граѓаните се добро информирани.
„Значи, не треба да се групираат повеќе од 4 луѓе. Ние немаме забрана за движење, тоа треба да го знаат граѓаните. Забрана за движење нема, тие ќе можат слободно да се движат. Во рамките на едно семејство можат да си прават било каква прослава, дали ќе е тоа во сопствениот дом или може дури да изнајмат и вила некаде, стан итн. во туристичките центри. Не смеат да се групираат и да прават забави со повеќе од 4 лица. Значи, ако се случува да бидат издадени одредени викендици, станови итн. во кои ќе имаме 15-20-30 луѓе како група, тогаш имаме основа за реакција и тогаш и сопственикот на тој издаден објект и присутните на една таква забава, ќе носат кривична одговорност поради прекршување на мерките и директно загрозување на животот и здравјето на граѓаните“, рече министерот за внатрешни работи.
Тој сумираше дека новогодишното прославување треба да помине во нормална и одговорна атмосфера. Прашан каде тој ќе слави, одговори дека ќе биде дома со своето семејство, што и други години го практикува, поради густиот работен распоред.
Целиот разговор со Спасовски погледнете го ТУКА.