Спасовски: Американската демократија е водилка и инспирација за сите демократии во светот

Северна Македонија е среќна што ги има САД за наши најблиски стратешки партнери, а е посебно горда што од годинава е нивен сојузник во НАТО – „најсилната воено-политичка  алијанса во историјата на светската цивилизација“, порачува премиерот Оливер Спасовски во денешната честитка на Фејсбук по повод Денот на независноста на САД – 4 јули.

„Честит 4 јули, Ден на независноста на САД. Оваа година Соединетите Американски Држави одбележуваат 244 годишнина од усвојувањето на Декларацијата за независност во 4 јули, 1776 година. Традицијата на американската демократија е водилка и инспирација за сите демократии во светот, а посебно за оние кои се посветени на зачувување и развивање на силното транс-атлантско партнерство.

Среќни сме што ги имаме САД за наши најблиски стратешки партнери. Посебно сме горди што од оваа 2020 година, Северна Македонија и САД се и сојузници во НАТО, најсилната воено-политчка алијанса во историјата на светската цивилизација“, пишува Спасовски.

Тој се заблагодари на САД за целата нивна поддршка во развојот на нашата демократија, економија и подобрување на социјалните услови за живот во нашата држава – од независноста до денес.

„Благодарение на нивната поддршка и континуирани заложби ги надминавме најголемите препреки во процесот на нашата интеграција во НАТО и чекориме забрзано кон интеграција во ЕУ. Нашето пријателство и поддршка повторно дојдоа до израз во надминувањето на предизвиците на пандемијата од КОВИД-19, со кој целиот свет е соочен.

Заедничките предизвици, ги надминуваме побрзо и полесно со заеднички напори и активности, бидејќи сме длабоко посветени и водени од истите вредности и идеали кои ги поставија основачите на САД пред 244 години.

Во мое лично име, во име на Владата, и во име на сите граѓани на Република Северна Македонија, им го честитам 4 Јули, на сите граѓани на САД!“, напиша техничкиот премиер.

- Реклама -