Многу луѓе во Бугарија искрено би сакале Македонија да стане членка на ЕУ, но проблемот е што, под притисок на пропагандата на „Обединетите патриоти“, во бугарскиот парламент се прифатија документи со кои од Македонија се бара нешто „што не би можело да се промени ниту со целосна нејзина окупација од Бугарија“, смета професорот и поранешен амбасадор во Софија – Ѓорѓи Спасов, во интервју за „НОВА ТВ“.
„Тие сакаат сите ние да мислиме како нив во врска со нашето потекло и историја, и нашето различно мислење го нарекуваат ‘говор на омраза и антибугарска пропаганда’ “, вели Спасов.
Според него, Бугарите сѐ уште се, на некој начин, заробени во „Санстефанскиот сон“, но само оние во националистичките кругови, и не во насока на проект кој има перспектива, туку како мит за славното минато.
„Бугарија е земја во која сите граѓани се ‘историчари’ и ‘историски образовани’. Имаат безброј ритуали и празници со кои се слави минатото, царевите и преродбениците. На некој начин, целата нација е заробена во историјата и обземена со националната митологија. Затоа тие не прифаќаат некој друг, како Македонците на пример, да имаат своја историја и своја митологија, туку мора нивната да се прифати како единствена историска вистина“, оценува Спасов.
Договорот за добрососедство од 2017 година, според него, е одличен, затоа што нѐ штити од натамошни уцени и барања, а тоа што на Бугарија ѝ текнало подоцна дека можела низ таков договор да ја принуди Македонија сета македонска историја пред 1945 година да ја признае за бугарска, е нивен проблем, додава професорот.
Целото интервју, во кое Спасов ги анализира и состојбите по бугарските парламентарни избори и што тие значат за нас, прочитајте го ТУКА.