Создавањето на класа на „бескорисни луѓе“ – најголема закана на 21-от век

samsung-gear[1]

Бил Гејтс неодамна препорача пет книги кои секој би требало да ги прочита во текот на летото. На листата се најде и „Сапиенс: Кратка историја на човештвото“ на Јувал Ноа Харари. За книгата, Бил рече дека била инспирација за бројни полемики меѓу него и неговата сопруга Мелинда, а најинтересниот дел се однесува на контроверзната тема за која веќе се зборува на дневна база – подемот на роботите и вештачката интелигенција (AI), или поточно – што ќе се случи кога AI ќе ја достигне и надмине човечката интелигенција.

Некои веруваат дека тоа ќе биде позитивна промена, бидејќи ние луѓето ќе имаме повеќе време за себе, додека роботите ги работат сите нешта што денес ги работат луѓето. Други стравуваат од масовна невработеност, па дури и закана по целото човештво, бидејќи AI може да нé доживее како закана, заради што роботите би се потрудиле да нé уништат.

Во новата книга, Харари спомнува создавање на класа на „бескорисни луѓе“, што според него е една од најголемите закани во 21-от век. Тоа се, имено, луѓе кои заради роботите и вештачката интелигенција ќе останат без работа (или никогаш нема да успеат да се вработат), а имајќи ги во предвид динамичните промени на пазарот на трудот и технологијата, како и сé поголемиот напредок на вештачката интелигенција и роботите, никој веќе нема да знае кои вештини би му биле потребни да ги стекне во животот, бидејќи секоја од нив би можела да стане непотребна до моментот кога ќе наполни 30-40 години. Харари напомнува и дека намерно го искористил терминот „бескорисни“, мислејќи на нивната бескорисност во политичка и економска, а не и морална смисла.

Харари, како и многу други, смета дека ако луѓето немаат работа и немаат никаква перспектива, ќе се чувствуваат безначајно и веќе нема да имаат причина за станување од кревет. Од друга страна, според него, владите би се справувале со тој проблем така што би ја контролирале среќата и задоволството на луѓето, пред сé преку лекови и виртуелнИ светови. Така, човековата раса би можела да се претвори во невработено мнозинство без никаква цел, кое ќе го тепа времето пиејќи лекови и носејќи кациги за виртуелна реалност (VR).

Многумина нема да пропуштат тука да потсетат на примерот кога Марк Закерберг се појави на конференцијата на Самсунг, ама никој од публиката не забележа, токму затоа што сите носеа VR сетови.

- Реклама -