Сопругата на Нетанјаху приреди скандал, го фрли традиционалното лепче со сол при пречекот во Киев (ВИДЕО)

Премиерот на Израел – Бенјамин Нетанјаху, е во посета на Украина, првпат по две децении откако земјата не е посетена од израелски премиер. Посетата е особено симболична бидејќи од Украина потекнуваат голем дел од Израелците – повеќе од 500.000 жители на поранешниот Советски сојуз се доселија во Израел по подигнувањето на Железната завеса.

И покрај ваквата тежина на посетата, истата започна со скандал уште при традиционалниот пречек на Нетанјаху и неговата сопруга Сара  со лепче и сол на аеродромот во Киев. Ваков пречек е традиционален во повеќе земји, а дури и Папата Франциск касна залче при пречекот во Скопје во друштво на екс-претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Сара Нетанјаху, меѓутоа, како што може да се види на снимките од пречекот, без многу двоумење го фрли лепчето на земја.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

Дел од медиумите овој потег го препишаа на нервозата што кај сопругата на Нетанјаху владеела уште за време на летот. Имено, таа приредила сцена кога станала и се обидела да влезе во кокпитот кај пилотот, за да го опомене што, според неа, не ја поздравил кога ги поздравувал патниците. Согласно правилата, на Сара не ѝ било дозволено да влезе, но пилотот сепак се обидел да ја смири тензијата и повторно ги поздравил премиерот и лутата сопруга, на 45 минути пред слетувањето во Киев. Во изјава за медиуми, тој тврди дека тоа го направил и првиот пат, но дека Сара Нетанјаху веројатно не го слушнала.

- Реклама -