Солзи радосници и најдобрите пет изјави од Келн, според EHF (четири се од вардарци)

Уште еден Ф4 со константен наплив на емоции, констатира EHF, истакнувајќи го извонредниот пресврт што Вардар го оствари против Барса во саботата, а потоа и тешкиот пораз што Веспрем го доживеа вчера, во финалето.

По целата таа емотивна бура и ракометно чудо пред кое цела Европа ја симна капата, сосема оправдано е што четири од петте најдобри изјави/цитати според EHF доаѓаат токму од редовите на македонскиот paнет, а сепак непобедлив ракометен џин.

Изјавите:

5. Кентин Махе, Веспрем: „Тажен сум, но уште повеќе ми е жал за Ласло (Наѓ) и Момир (Илиќ). Такви извонредни кариери да завршат со таков пораз, тоа е повеќе од штета“.

По четврти пат во финалето овие двајца извонредни ракометари мораа да проголтаат пораз. Така беше во 2002, 2015-та, 2016-та година и сега. Ракометарите на Веспрем ќе беа пресреќни да им овозможат шампионска точка на кариерите. Но ете, Вардар имаше поинаков план.

4. Роберто Парондо, Вардар: „Ова натпреварување е најдоброто натпреварување за ракометот. Ни требаат повеќе од овој тип настани. Извонредно е да се биде тука како победник“.

3. Рожерио Мораеш, Вардар: „Во овие тешки времиња за тимот, титулата е уште поважна од првата во 2017-та“.

Додека клубот се соочува со неизвесна иднина, играчите играа единствено водени од љубовта кон ракометот. И докажаа дека со право играа, констатира EHF.

2. Кристиан Дисингер, Вардар: „Веројатно можеме да очекуваме 100.000 луѓе на улиците. Нашите фанови нè поддржуваат како луди“.

1. Кој друг ако не Столе Стоилов, Вардар: „Ова е нашиот хепиенд и голема победа за нас и мојата земја“.

 

- Реклама -