Што ќе се случи ако престанете да пиете алкохол на едно месец дена? Се исплати ли од аспект на здравјето? Резултира ли со видлива разлика врз општата благосостојба на вашиот организам?
Илјадници луѓе во Велика Британија, САД, но и во сé повеќе други земји, секоја година се приклучуваат на „експериментот“ во рамки на акцијата наречена „Go Sober for October” (ака. „Трезен октомври“), чија првична цел беше собирање пари за истражувања на малигните болести.
Но освен добротворните цели, организаторите на акцијата тврдат дека учесниците можат да имаат и здравствена корист, па секоја година сé повеќе (помали или поголеми) љубители на алкохолот решаваат да си го тестираат карактерот и телото избегнувајќи алкохол во период од еден месец. Здравствените придобивки, според поборниците на горенаведената теза, се помалку ‘рчење, подобро спиење, но и општо зголемување на нивото на енергија.
Оттаму, слични акции сé почесто се организираат и во јануари (т.н. „Dry January“, т.е. „Сув јануар“), а имаат за цел да им помогнат на луѓето да закрепнат од божиќното и новогодишното претерување со пиење.
Прашањето е: Имаат ли ваквите подвизи ефект?
До неодамна се мислеше дека умереното пиење е безопасно, па дури можеби и корисно, но поновите истражувања го покажуваат обратното. Една студија објавена во магазинот The Lancet, на пример, вели дека не постои безбедна количина алкохол.
„Нов човек“
Од друга страна, тимот од емисијата „Trust me, I’m a Doctor“ ги здружи силите со научници од Лондон со цел да ги покажат предностите од апстиненцијата од алкохол.
Избран е „неутрален“ месец, јуни, а 26-те учесници во студијата биле поделени во две групи: првата продолжила да пие како и обично, а втората целосно бојкотирала алкохол. Пред почетокот и по завршувањето на експериментот во времетраење од еден месец, двете групи биле подложени на здравствени прегледи, вклучително и сондирање на црниот дроб и контрола на крвниот притисок.
Заклучокот е дека здравјето на сите оние кои се откажале/паузирале од алкохол – се подобрило: кај нив бил забележан пад на нивото на маснотии во црниот дроб, но и општото ниво на маснотии во организмот, а исто така испитаниците пријавиле и подобрување на концентрацијата и квалитетот на спиење. Тој ефект бил уште поизразен кај оние кои претходно пиеле по повеќе од препорачаната граница од 14 пијачки неделно.
„По три-четири седмици се чувствував како друга личност. Веќе речиси и воопшто да не пијам, и се чувствувам сјајно и ревитализирано. И понатаму ми се намалува тежината, а алкохол веќе не можам ни да помирисам“, вели Кети, една од учесничките во студијата.
Долгорочна корист
Тимот истражувачи предводени од професорот Раџив Јалан – експерт за болести на црниот дроб кој и порано има говорено за предностите на „сувиот јануар“, биле љубопитни да проверат и дали позитивните ефекти на апстиненцијата од алкохол ќе се поништат ако луѓето се вратат на старите навики, па затоа по три седмици одново ги тестирале учесниците.
Забележале јасна разлика меѓу оние кои пиеле помалку од препорачаната граница и оние кои таа граница редовно ја надминувале. Умерените уживатели на алкохол набрзо се вратиле на старото ниво на пиење, но интересно, оние „потешките“ случаи и во пост-експерименталниот период продолжиле да пијат помалку од претходно, дури и до 70% помалку од вообичаеното.
Од студијата, иако спроведена на релативно мал број луѓе, може да се заклучи дека дури и краткорочниот прекин на конзумирањето на алкохол може да има позитивен исход по здравјето. Со други зборови, подвизите од типот на „Dry January“ и „Sober October“ дефинитивно имаат смисла и не се залудно пропуштена „забава“.