Со Планот за раст Мицкоски ја призна добро сработената работа на СДСМ, вели Филипче

Лидерот на СДСМ, во објава на својот фејсбук-профил по денешната прес-конференција на премиерот, на која беше презентирана нацрт-реформската агенда за периодот 2024-2027 година, вели дека ниту едно ветување на Мицкоски што тој ревносно го повторувал не успеал да го реализира

Венко Филипче, лидер на СДСМ / ФОТО: Фејсбук-профил на Венко Филипче

Добро сработената работа и спроведената реформска агенда од страна на СДСМ денеска е признаена од Христијан Мицкоски и министерот Орхан Муртезани, вели лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Венко Филипче.

Филипче вели дека денеска во Владата, Мицкоски и Муртезани во целост го потврдиле, а на 16 септември и ќе го потпишат, Планот за раст кој бил подготвен од Владата на СДСМ.

Лидерот на СДСМ, во објава на својот фејсбук-профил по денешната прес-конференција на премиерот, на која беше презентирана нацрт-реформската агенда за периодот 2024-2027 година, вели дека ниту едно ветување на Мицкоски кое тој ревносно го повторувал не успеал да го реализира.

„Мицкоски го прифати целосно Коридорот 8 и одеднаш проектот не завршувал како тунел во планина. Сега тој проект е добар. Мицкоски се согласил и дека нема да се распуштаат Советите за судии и јавни обвинители, иако со денови во јавноста кажуваше дека ќе го направи тоа. Јасно е дека ниту ЕУ ниту било која меѓународна институција, не дозволува политичко мешање во изборот, кое очигледно беше цел на Мицкоски“,

пишува Филипче.

Тој смета дека чесно ќе било Мицкоски ова да го признае пред граѓаните отколку, како што вели, да се измислуваат спинови и паравани за нерелзираните ветувања.

„Но, тоа говори за него и неговиот начин како ја разбира политиката. Нема простор за импровизации, ниту пак за лажни ветувања и поигрување со емоциите на граѓаните кога се во прашање стратешките цели на државата и ЕУ интеграциите“,

додава Филипче во објавата.

Премиерот Мицкоски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Владата ја презентираа Реформската агенда за периодот 2024-2027 година за која, како што рече премиерот, е резултат на нивните посветени напори да го унапредат економскиот раст и стабилноста на државата.

- Реклама -