Како дел од проектот на Макстил „Инвестираме во нашата планета“ се спроведе едукација на основците на тема „Учиме да се грижиме да ја заштитиме животната средина и да го намалиме и рециклираме создадениот отпад“. Вкупно 870 ученици од 8 основни училишта од Општина Аеродром, од технолозите и инженерите од Макстил учеа за опасностите од создадениот отпад од пластика, хартија и стакло, и како да влијаеме на намалувањето на отпадот. Преку интерактивен метод и со показни средства на учениците им беше објаснет процесот и различните начини на рециклирање, како и потенцијалните опасности од создадениот отпад по растителниот и животинскиот свет, а посебно за опасностите по здравјето на човекот.
Целта на проектот е да се пренесе знаењето за предностите од рециклирање уште од мала возраст и да се алармира за потребата од едукација за екологијата во пошироки размери.
„Нерационалната употреба на природните ресурси, загадувањето на животната средина и сите еколошки проблеми што произлегуваат од непосредната употреба на разни ресурси, се во центарот на интересот на Макстил и причина за којашто се спроведува овој проект. Макстил е активен чинител во циркуларната економија, кој како главна суровина во процесот го користи старото железо. Во оваа прилика преку експертизата на нашите инженери и технолози, насочена кон подигнување на свеста и вклучувањето на граѓаните може многу да се пренесе со вредни знаења за заедничката улога во спречувањето на создавањето и намалувањето на отпадот. Едукацијата на најмладите преку непосреден контакт се покажа како многу ефективна и учениците се повеќе ја прифаќаат идејата за личното влијание и придонесот кон заштитата на животната средина. На овој начин, со едукација и презентација на проблемот веруваме дека како компанија можеме во голема мера да влијаеме при зголемување на свесноста за еколошките закани“, велат од Макстил.
„Инвестираме во нашата планета“ е долгорочен проект, со којшто се опфатени повеќе активности поддржани и иницирани од Макстил, а поврзани со заштита на животната средина. Дел од овој проект е и натпреварот на кој учениците преку креативно ликовно изразување ги искажаа своите размислувања за личниот придонес и како треба да изгледа инвестирањето во заштита на планетата. Во комисијата за избор на наградените детски цртежи е вклучен и Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Досега со проектот се опфатени учениците од основните училишта во Општина Гази Баба и Општина Аеродром, а за почетокот на второто полугодие планирано е вклучување и на другите општини од Град Скопје.