Сноубордерката што освои параолимписко злато по 48 радиотерапии и 2 операции

45-годишната Холанѓанка Bibian Mentel-Spee испиша една од најубавите спортски приказни на Параолимписките игри во Пјонгчанг.

Сноубордерката успеа да го одбрани златото само два и пол месеца по операцијата од рак на ‘рбетот. За самиот настап на Игрите имала само 3 седмици тренинг.

„Мојот прешлен C6 беше 40% зафатен од тумор. Во текот на летото поминав 48 радиотерапии“, изјави Бибијан за BBC.

Минатата година по деветти пат ѝ бил дијагностициран рак, и тоа само 7 месеци по освојувањето на златниот медал на Светското првенство.

„’Рбетот не ми ги издржа тренинзите по опоравувањето. Ми рекоа дека морам на операција, бидејќи инаку можам да го скршам вратот“, раскажува таа.

Бибијан својот прв настап требала да го има во Солт Лејк Сити во 2002 година, но непосредно пред тоа ѝ бил дијагностициран тумор на зглобот, и морала да оди на ампутација на ногата под коленото; затоа и денес е учесник на Параолимписките игри.

Меѓутоа, требаше да поминат години и многу лични заложби на Бибијан за сноубордот да стане параолимписки спорт. Тоа се оствари во 2012-та, а оттогаш таа доминира – како против конкурентите, така и против животот (што е главното во приказнава).

 

- Реклама -