Потписите се безбедни и во наредните денови новото парламентарно мнозинство уште повеќе ќе се зголеми, изјави за ТВ21 пратеникот од Алијанса за Албанците – Халил Снопче, прашан дали и колку е сигурно новото мнозинство, со оглед на информациите во дел од медиумите на албански јазик дека одредени пратеници Албанци тврдат дека биле измамени, односно се „предомислиле“ околу поддршката.
Според Снопче, непотребно се зборува дали потписите се сигурни затоа што, како што вели, нив ги депонирале 61 пратеници избрани од народот со цел рушење на власта.
„Ова мнозинство од 61 ќе се зголеми во наредните денови, ви гарантирам, бидејќи пратеникот избран од народот го депонирал потписот за рушење на власта. Сите овие луѓе се бореа против оваа Влада затоа што сметаа дека оваа власт е криминализирана, корумпирана и нормално, како што реков претходно, меѓународните власти ја нарекуваат хибридна влада“, изјави пратеникот за ТВ21.
„Политичките партии кои не се дел од овој хибриден режим, најкорумпираниот режим во регионот, ги надминаа разликите и всушност собравме 61 потпис за да ѝ докажеме на власта дека е нелегитимна“, додаде тој.