Екипата што работи на документарецот River Monsters, кој се емитува на Animal Planet, обично се расправа со (како што самото име кажува) водни ѕверови. Овој пат, додека снимаа во Австралија, лани во ноември, налетаа на нешто што не го очекуваа – бродоломец на пуст остров.
Режисерот на емисијата – Стивен Ширман, раскажа дека бродоломецот веќе се помирувал со својата смрт, со оглед на тоа дека бил насукан на островот веќе повеќе од 2 дена, на температура од 43 степени Целзиусови. Чисто да се знае, на таа температура, ако немате вода, смртта може да настапи за 2 до 3 дена.
„Се помолив за последен пат и се подготвував да умрам“, го цитираше режисерот несреќникот, откривајќи дека екипата, заедно со Џереми Вејд, не ни планирала да приоѓа и да го снима тој остров, но ја промениле локацијата заради разбранетото море.
„Забележавме пренослив фрижидер и маж без облека како истрчува од карпите и мавта кон нас“, вели Ширман.
Инаку, не/среќникот бил рибар, и како што им раскажал на случајните спасувачи, ловел риби со својот чамец, кога одлучил да отплива кон островот за да најде подобри остриги. Наместо тоа, останал без чамец.
Уште првиот ден добил сончаница и не можел да оди. Следниот ден повторно се обидел, но сонцето било пресилно, па останал заробен на малиот остров. Целото тоа време, тој бил загрижен дека никој нема да го побара, бидејќи нема семејство.
Откако екипата го пронашла, му дале вода и го однеле во Брза помош. Денес тој се чувствува повеќе од добро. Во меѓувреме, раскажува преживеаниот, му ветил на Бог дека повторно ќе почне да пуши, бидејќи ако имал запалка, ќе можел да запали оган и да готви. …А сé ни се чинеше дека приказнава има некоја друга поука.