Снег нема, но може да изненади

Зимата ни е пред прагот, па токму затоа и возачите треба да ги подготват своите возила за безбедно движење во зимски услови.Засега снег сеуште нема, но многу пати знаел да изненади, па не е лошо да се биде секогаш подготвен заради безбедноста и сигурноста во сообраќајот.

Од 15 ноември, започна да важи обврската за задолжително носење зимска опрема во возилата, која ќе трае сѐ до 15 март наредната година. Доколку не се почитуваат правилата за користење и носење зимска опрема во возилата, кои се предвидени во Законот за безбедност на патниот сообраќај, согласно истиот, на секој возач кој постапува спротивно на одредбите ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.

Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg, се подразбира: зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од четири милиметри (4 mm); пневматици со летен профил на сите тркала, исто со минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина  за погонските  тркала или други соодветни помагала.

За моторни возила со погон на четири тркала (4х4), подразбира: зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6 mm); пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на најмалку четири милиметри (4 mm), а  синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, миниумум на постојано вклучената оска.

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg, подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6mm); пневматици со летен профил со минимум од четири милиметри (4mm) и синџири за снег со адекватна големина  за  погонските  тркала или други соодветни помагала; автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и прирачен алат – лопата.


Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Во патниот сообраќај, на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.

Полициски службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, може да нареди и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.

Автоплус

- Реклама -