Со стотици илјади апликации на располагање, смартфоните им овозможуваат на нивните корисници да прават што сакаат, од проверување на сметката во банка до закажување летови. Но, 71 процент од корисниците ги користат само за телефонски повици и текст пораки.
Според студијата направена од Envirofone, компанија која рециклира мобилни телефони, типичниот сопственик на smart телефон користи само 10 проценти од функционалноста на телефонот. Студијата, во која учествувале 2000 корисници, исто така покажала дека повеќе од половина од нив го купиле својот iPhone4 или BlackBerry бидејќи чувствувале притисок од луѓето околу нив.
Истражувањето, направено на територијата на Велика Британија, покажало дека само на островот има 11 милиони smart телефони. И иако постојат голем број корисни апликации кои нудат информации или дури и сателитска навигација, некои од нив се едноставно бизарни. Zippo апликацијата нуди анимирана слика на запалка за на концерти, а апликацијата Annoy-a-teen испушта звук со висока фреквенција кој само тинејџерите можат да го чујат. Џон Батлер од Envirofone вели: „Најновите телефони не се ништо повеќе од статусни симболи кои изгледаат убаво, но не се целосно искористени.“