Словенија ѝ донира 35 тенкови на Украина, произведени во Југославија

Љубљана, 21 јуни 2022 (МИА) – Словенија на Украина ѝ донира 35 оклопни амфибиски возила БВП М80А, произведени во поранешна Југославија. Возилата со железница веќе се испратени во Полска и Украина.

Словенија во договор со САД, за донацијата во Украина од американската Влада ќе добие средства за купување на оружје и опрема за словенечката војска. САД ќе донираат поголема сума од проценетата опрема што е испратена во Украина.

Деконзервацијата на оклопните возила траеше неколку недели, а испраќањето помош на украинската армија досега наидуваше на логистички тешкотии поради ставот на Унгарија дека не дозволува транспорт на оружје за Украина преку нејзина територија.

Амфибиското гасенично возило БВП М80А може да има екипаж од тројца војници, а е опремено со топ со калибар 20 милиметри, митралез и фрлачи на противтенковски ракети Маљутка.

Прочитајте и:  Столтенберг: Унгарија се согласи да не стави вето на помошта на Алијансата за Украина

Словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец истакна дека Љубљана со донацијата го исполни ветувањето за Украина и придонесе за нејзината одбрана. Тој додаде дека Словенија веќе ѝ донирала на Украина пешадиско оружје, шлемови, панцири и друга опрема, а сега ќе се концентрира на други форми помош, вклучително и деминирање и помош за обновата на Украина по војната.

Шарец најави и дека најверојатно ќе биде и понудено обука на украинските војници во Словенија или во друга земја-членка на НАТО.

- Реклама -