„Скопје и еден човек кој искрено посакува да успее”

Се сеќавам како вчера да беше, а не беше. Беше пред една година кога на автобуската во Скопје ме испраќаа моите најблиски, фамилијата, пријателите, девојката. Ми велеа едногласно: -Ќе плачеш ти по Скопје, ќе посакаш да се вратиш, касно ќе биде. Не го знаев тогаш вистинското значење на тие зворови, како да речам, не ги чувствував зборовите кои беа кажани со искрена замисла, но никогаш не ги заборавив тие зборови, продолжив да живеам со нив, во добро и во зло.

Гневен, лут, бесен им одговорив: -Никогаш тоа нема да се случи, ова Скопјево е зандана за душата со која владеат глупаци. Жалам пријателе, го мразев својот роден град Скопје само поради одредени индивидуи кои го уништуваат. Навистина ми е жал, но сега е доцна, за се е доцна, сега сум далеку од Скопје, проклет да бидам, сега сум далеу од животот. Се сеќавам, со бес во душата, тага во очите, се горчливо чувство во градите, со болка во срцето, да пријателе болка, како илјада мали иглички да го бодеа моето срце, болка, со огромна болка си заминав од мојот роден град Скопје. Проклет да бидам, солзите сами навираа по лицето, се сеќавам, главата потпрена на стакло кое вибрира, главата ми се затресува, стуткани раце, ладни, одвратно чувство, со одвратно чувство ја напуштив мојата татковина, мојата Македонија. Ја напуштив со помисла дека еден ден ќе биде подобра, се надевав, а што е животот без надеж?

Заминав на север, да студирам, да работам, да живеам, не отидов многу далеку, но доволно за да не сум со моите најблиски, со оние кои искрено ги сакам, доволно далеку за да неможам да зборувам на својот мајчин јазик, доволно далеку за да не познавам ниту еден човек, доволно далеку за да немам вистински другар, доволно далеку за да морам сам да се борам во животот, доволно далеку за животот да ми се промени засекогаш и да не е она што некогаш беше, а беше, добар беше, интересен беше, забавен беше, беше, беше, но тоа беше некогаш, веќе не е.

Пријателе, првото стапнување на туѓо тло, првите чекори во земја каде треба да го продолжам животот се незаборавни, нозете ми се тресеа, телото не го чувствував, а со мозокот не бев во состојба да размислувам, постојано си повторував: -Да ти ебам животот, да ти ебам… Милион пати се препрашав, дали навистина сум сигурен и дали навистина го мислам она што го чувствувам. Милион пати пријателе, но не се предомислив, и покрај се, одлучив да останам на туѓо тво, да останам во држава која нема никогаш да биде моја, одлучив да дадам се од себе и да успеам, навистина ќе виде поразително да потрошиш толку многу време, емоции, чувства, проклет да бидам, да потрошиш живот и на крај да не успееш. Тоа беше мојата мотивација, чудно зар не? Постојани си повторував во себе: -Мора да успеам, мора… Јас сум оној кој копнее по тоа да биде различен од другите, според мене: различните луѓе се успешните.

Сигурно ќе прашаш: -Како различни, по што се разликуваат тие луѓе од останатите? Различните луѓе гледаат едноставно на нештата за кои повеќето сметаат дека се невозможни, тие секогаш го докажуваат спротивното. Знаеш пријателе, во друга земја си, се движиш по тротоар покрај големите улици со безброј ленти, чекориш, ги гледаш големите трговски центри, гледаш работи за кои не си знаел дека постојат, ги гледаш средените паркови, се е чисто, средено, но залудно е, верувај ми, се е залудно кога во градите имаш неописливо чувство, чувство кое постојано те потцетува дека не си од тука, чувство кое не се опишува со зборови, чувство кое е настанато како мешавина од без број болни, грди, лоши чувства, како да речам, мешавина од страв, од непознато, од нервоза, од изгубеност, се преливаа најпрво во градите, подоцна во стомакот, па низ цело тело, низ цела снага, директно во душата, директно во срцето, проклет да бидам, насекаде беше тоа чувство, непознато.

Во устата чувствував горчина, имав нагон на повраќање, ја проголтуваш и продолжуваш. Понекогаш си велам себе си, проклет да бидам, се лажам себе си: -Тоа се само небитни чувства, ќе поминат. Пријателе, се навикнав на тие чувства и сега живеам со нив, проклет да бидам, ЖИВЕАМ СО НИВ.

Се тешам: -Ќе помине. Ќе помине пријателе, се ќе помине, времето ќе помине, денот, неделата, месецот, годината, проклет да бидам, животот ќе помине, само ние нема да поминеме, ќе талкаме така, така и само така, изгубени во непознатото, носени од минатото, со визија за иднината, ја испуштаме сегашноста, проклет да бидам, ја испуштам сегашноста. Како да живеев, како да ќе живеам, како денес да сум мртов, проклет да бидам, МРТОВ. Прилично се болни овие зборови, знам, треба да бидат, тоа не се обични зборови, како да речам, тоа се чувства пренесени во зборови, пренесени во реченици.

Кога би дознал дека нештата кои го уништуваат Скопје, гадовите, бездушниците, идотите ги нема, веднаш би се вратил, без размислување, без препреки, со полна сила и верба, верба во мојот роден град, верба во Скопје. Кои се тие нелуѓе да одлучуваат за туѓи животи, кој им го даде тоа право, како можат спокојно да живеат со своите злодела??? Милион прашања, а ниту еден одговор. 19 годишни копилиња со своите скапи коли, дрољи, дрога, алкохол го уништуваат Скопје, влезени во некаков си филм дека се успешни, а незнаат да одат, незнаат да зборуваат, ништо незнаат, а утре ќе бидат директори, утре ќе бидат шефови, утре ќе бидат министри, па како што тргнало во нашата државичка ништо чудно и претседатели да станат. Зарем ова не ги боли сите паметни млади кои целиот живот го посветуваат на себе, учат, тренираат за на крај некој што незнае да оди, да им наредува. Се фалат со нечесно заработените пари на своите родители, преваранти. Жално, но вистинито. Ова јас не сум го измислил, ова е јавна тајна, но што ако е? Зарем може некој нешто да направи против тоа? Тие што пробуваат да направат нешто најчесто се затварани, судени, убивани, како да речам, уништувани. Овие работи се многу тешки и болни, овие работи најчесто се пресудни за младите да се одлучат својот живот да го поминат надвор од својата единствена татковина. Сами се уништуваме, а во меѓувреме се гради држава во нашата, да пријателе, некои си неписмени, гадни, прости, одвратни суштества градат држава во нашата. Иако знам дека моето мислење не го слуша никој, сепак мислам дека е доста, доста е за се, време е да се освестиме. Време е, треба да побрзаме, бидејќи времето не чека, утре ни време ќе има, ни нас ќе не има. Запомни: -Времето не умира, а и кругот не е тркалезен.

Прочитајте и:  Ботаничко дуо | Софка и Дани

И покрај се Скопје според мене е најубавото место за живеење во целиот свет! Па зарем има некаде на светов подобро место за живеење од местото во кое ти е фамилијата и пријателите. Градот во кој се што е грдо е убаво, се што е мало е големо, се што е чисто е валкано, се што е добро е лошо, се што мрда се јаде, се што е една голема метропола е Скопје. Градот во кој ти се сите спомени од детството, сите места на кои како дете си паѓал, игралиштето на кое си се научил да трчаш, дрвата на кои си се пентарел, местото на кое си ја запознал првата симпатија, првото училиште во кое си ги запознал првите другари со кои и денес знаете да посетите некоја од скопските кафани, тревниците пред зграда кои кријата голем број детски тајни, темните улички на кои може да се сними хорор, местата на кои си се смеел безгранично многу, си се дружел, си се карал, си се бакнувал, местата на кои си имал убаво детство, убав живот исполнет со среќа, сите клупи на кои си пиел до касно, маалото во кое си киснел по цели денови и ноќи, маалото буди најголеми спомени, парковите кои преку ден се исполнети со најмладите, а навечер со постарите, проклет да бидам спомените ме убиваат пополека, но сигурно. Сега знам, знам што може да ти направи Скопје, СКОПЈЕ БОЛИ. Се прашувам: Каква е таа сила, моќ која го прави Скопје толку посебен град, не знам точно што, но можам да предпоставам, можеби:

-Бидејќи во Скопје ги има најпрекрасните девојки, девојки во вистинска смисла на зборот.

-Бидејќи во Скопје луѓето немаат пари, но затоа имаа нешто што не се купува со пари, имаат добра душа, чувства, осет, морал, лице, љубов. Во Скопје луѓето ги знаат вистинските вредности во животот и заради тоа не живеат како роботи.

-Бидејќи тука многу дува, врне и многу е ладно, ладно како и самите луѓе.

-Бидејќи Скопје е единственото неживо нешто кое може да ме допре до срце, кое може да ме заболи.

-Бидејќи луѓето кои не те сакаат никогаш нема да ти кажат: Здраво.

-Бидејќи само во Скопје можеш без пари да си поминеш убаво.

-Бидејќи Скопје е градот во кој израснав, од мало човече во човек, во оној кој сум денес.

-Бидејќи во Скопје живеат другарите, оние ретките, вистинските, искрените, браќата, братулињата со кои муабетите никогаш не се досадни, шалите се секогаш смешни, едни исти фори живеат во нас, сите нас не весели една иста македонска народна песна, сите нас не опива една иста домашна ракија, сите ние ги знаеме вистинските вредности во животот, сите нас не поврзува една иста приказна за нашето Скопје.

-Бидејќи само во Скопје можеш во ист ден да се возиш со стар и со нов автобус.

-Бидејќи само во Скопје во дворовите на градинките преку ден си играат деца, а навечер малските наркомани.

-Бидејќи каде и да си нема никогаш да ти биде исто како во Скопје.

-Бидејќи само во Скопје можеш да сретнеш стари мудреци на улица и од нив да научиш многу за тоа што значи живот.

-Бидејќи само во Скопје поради загадениот воздух можат да се видат само неколку ѕвезди.

-Бидејќи само во Скопје можеш да бидеш истепан без причина.

-Бидејќи само во Скопје кога возиш кола мислиш дека си на трки.

-Бидејќи само во Скопје луѓето од приградските населби после полноќ го запираат автобусот, насилнички влегуваат и без карта се возат до своите домови.

-Бидејќи само во Скопје многу машки одат во читална за да си фатат убава и паметна девојка.

-Бидејќи само во Скопје можеш во едно исто диски, во една иста вечер да слушнеш: транс, рап, поп, турбо-фолк, народно.

-Бидејќи само во Скопје најдебелите девојки носат тигрести хеланки.

-Бидејќи во Скопје живеат сите девојки кои го имаат одбележано мојот живот.

-Бидејќи во Скопје точно се знае која е курва, а која не.

-Бидејќи ми се допаѓа Скопје посебно во лето, кога градот е празен, а сепак толку полн.

-Бидејќи во Скопје живеат луѓе кои знаат искрено да сакаат и искрено да мразат, искрено да подржуваат и искрено да љубоморат, дури има и такви кои искрено лажат, чуднесен е мојот град, знам!!!

Скопје, граду мој издржи, ќе дојдат и подобри времиња, верувај ми, еден ден се ќе биде подобро! Јас се надевам, а што е животот без надеж?

Извор – Илија Павлов

- Реклама -