Македонија за првпат во својата историја ќе биде домаќин на Европско сениорско првенство во екипен спорт, и тоа благодарение на спортот број еден во државата – ракометот. Имено, од 4. до 20. ноември оваа година, покрај Љубљана, Цеље и Подгорица, и Скопје ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство за жени. Македонските ракометарки, на домашен терен во салата „Борис Трајковски“, за противнички во групата Ц ќе ги имаат селекциите на Франција, Холандија и Романија.
Претстојното Европско првенство на кое Скопје ќе биде еден од четирите градови домаќини е можност да оставиме впечаток на добри домаќини и организатори, а на спортски план да покажеме дека македонскиот женски ракомет поседува квалитет и се развива во вистинска насока, порачаа од Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и организацискиот одбор, на прес-конференцијата која ја организираше претседателот на РФМ – Живко Мукаетов. Тој повика на заедничка сплотеност во организацијата на шампионатот за, како што рече, да му покажеме на светот зошто ракометот е спорт број еден во Македонија.
„Идејата е да бидеме сите тука заедно и да покажеме дека водиме грижа едни за други. Сите заедно го работиме тоа во континуитет да креираме колку можеме подобар ракомет за Македонија. На престојното Европско првенство очекуваме поддршка од нашиот народ за нашите девојчиња, која навистина ја заслужуваат. Мораме заедно да продолжиме да работиме и да покажеме дека можеме да додадеме додатна вредност за мак-ракометот. Мора да покажеме дека во Скопје, во Македонија, може да направиме нешто што ќе биде светски. Да покажеме сите заедно зошто е спортот број еден во Македонија“, истакна Мукаетов пред домашните медиуми, апелирајќи македонската публика во голем број да даде поддршка на женската ракометна репрезентација на дуелите кои ги очекуваат во групната фаза во Скопје од 5 до 9 ноември.
„Чест и задоволство е што денеска сум овде. Свесни сме колку голема работа ни се случува и што значи да се биде домаќин на европско првенство. Не секоја држава ја има таа можност“, изјави ЕХФ Амбасадорот на европското првенство, Гордана Нацева.
Таа ја поздрави Ракометната федерација на Македонија за организацијата, потенцирајќи дека, според неа, ова се случува во исклучително важен момент за женскиот ракомет.
„Ова ќе биде голем мотив и силен импулс за сите нас. Не секоја генерација има чест да игра во својата земја на големо натпреварување. Со верба во себе и помош од трибините, верувам дека можеме да бидеме изненадување. По долго време мак-публиката ќе може да присуствува на натпревари на европската ракометна елита. Предизвик за нас е да бидеме добри домаќини и сите гости да понесат најубави спомени за нашата земја. Напред Македонија!“, порача Нацева.
На прес–конференцијата, на која присуствуваа комплетната женска сениорска ракометна репрезентација, но и младинските селекции, присутни беа и членовите на машката репрезентација, предводени од селекторот Кирил Лазаров.
„Се надевам дека сите заедно ќе придонесеме да се прикажеме како ракометна земја, а нашата публика ќе ја наполни салата и ќе даде поддршка на нашиот тим. И женскиот ракомет е во нагорна линија, и се надевам дека, како и нивните машки колеги, ќе бидат константни учеснички на големите натпреварувања“, изјави Лазаров.
Легендата на македонскиот ракомет додаде дека женското ЕУРО2022 е „голем настан“ кој во Скопје ќе донесе звучни тренерски и ракометни имиња.
„Можам да кажам дека ќе ми биде задоволство да бидам присутен на сите натпревари. Секогаш од секого може нешто да се научи. Нашите ракометарки од мене ќе имаат максимална поддршка“, порача Лазаров.