Скиентолозите ги свртеле децата на Никол Кидман против неа

Американското списание Vanity Fair продолжува со разоткривање на тајните на Црквата на Скиентологија. Во новиот натпис, дописникот Морин Орт објаснува како по разводот на Том Круз и Никол Кидман, Скиентолозите повлијаеле на нивните посвоени деца, за тие да се свртат против неа.

По разводот со Том Круз во 2001 година, Кидман не го загуби само сопругот, туку очигледно и врската со двете посвоени деца, Изабела и Конор. Во последниве 11 години, таа е видена едвај неколку пати со нив, а причината зошто е тоа така лежи повторно во скиентолошките навики. Децата дури одбиваат и да ја викаат „мамо“.

Во тој период Изабела имала 8 години, а Конор 6. Соработниците на Том Круз од скиентолошката црква им кажале на децата дека Никол Кидман е „супресивна личност“, што е една од најлошите карактеристики во ова контроверзно учење. Марти Ратбан, поранешен истакнат член на оваа организација, вели дека ова било направено поради фактот што Кидман не сакала да има ништо со Скиентологијата.

Џон Брусо, кој бил Скиентолог 32 години, сè до 2010 година, истакнува дека децата ја одбиле својата мајка, бидејќи им биле дадени такви инструкции. Изабела и Конор, кои сега имаат 19, односно 17 години, во тоа време му се довериле на Брусо, со зборовите: „Нашата мајка е супресивна личност. Мразиме кога треба да се гледаме со неа“.

Изворите од црквата, исто така, велат дека членовите биле охрабрувани да ги гледаат сите филмови на Том Круз, а во исто време им биле дадени инструкции да не ги гледаат филмовите на Никол Кидман. Скиентолошкиот свет ја мразел актерката по разводот и доколку некој јавно изразел желба да погледне нејзино дело, сигурно следувале последици.

Црквата на Скиентологија остро ги негира сите наоди на списанието Vanity Fair, а Никол Кидман одбива да даде каков било коментар. Таа подоцна стапи во брак со кантри пејачот Кит Урбан и со него има две сопствени деца, Сандеј Роуз, 4 години и Фејт Маргарет, 2 години.

- Реклама -