Сирски: Русија се обидува да ги потисне украинските сили од Курск со десетици илјади војници

Русија се обидува да ги потисне украинските сили од западната Курска област со распоредување на десетици илјадници војници, со цел враќање на териториите изгубени во текот на летото, изјави денеска врховниот украински командант Олександар Сирски.

Коментарот на генерал Сирски пристигна ден по објавата на „Њујорк тајмс“, која тврди дека Москва распоредила сили од 50.000 војници, вклучувајќи и севернокорејски, во регионот на границата со Украина за потребите на нападите.

Сирски не ја спомена можноста за присуство на севернокорејски трупи меѓу руските сили.

Западните земји, Јужна Кореја и Украина велат дека Северна Кореја испратила војници во Русија.

Русија досега ниту ја потврдила, ниту ја негирала присутноста на севернокорејски војници на нејзина територија, иако претседателот Владимир Путин во саботата потпиша закон за стратешко партнерство со Пјонгјанг, кој вклучува и клаузула за заемна одбрана.

Прочитајте и:  Орбан: Опасноста од ескалација на војната никогаш не била поголема

Украина во август влезе во рускиот регион Курск, заземајќи неколку населени места во првата таква операција на руска територија откако Москва започна со својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

Русија, сепак, продолжува со своето бавно, но континуирано напредување во поголемиот дел од источна Украина, каде зазема село по село со цел да го освои целиот индустриски регион Донбас.

Сирски изјави дека операцијата во Курск успешно ги одвраќа руските сили од поинтензивни напади на источниот фронт.

„Десетици илјади непријатели од најдобрите руски ударни единици би упаднале во нашите позиции кон Покровск, Курахово или Торецк, што значително би ја влошило ситуацијата на фронтот“, рече тој.

Извештајот на „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американска проценка, наведува дека Русија ги зголемила своите сили во Курскиот регион без прераспределба на трупите од источна Украина.

- Реклама -