Силјановска: Прашањето за името ќе го држам отворено, а граѓаните ќе ги обединам во идејата за владеење на правото

„Тоа што ја добив поддршката од ВМРО-ДПМНЕ не значи дека ќе се обраќам само на членството на оваа партија. Одлуката да се кандидирам ја донесов поради состојбата на демократијата и концентрацијата на власта во рацете на владејачката коалиција, која нема слух ни за опозиција, ни за референдум“, вели претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во интервју за српски „Политика“.

Според Силјановска, Македонија се соочува со полош облик на заробена држава – во вид на „заевизам“, а институциите се заробени во рацете на дрски, корумпирани и неспособни елити. Тие кои дојдоа на власт со слоганот „нема правда, нема мир!“, сега се потсмеваат и со правдата и со мирот, оценува Силјановска.

„Поттикната од поддршката од група ценети професори, одлучив да истапам од професорскиот кабинет и она што го знам од теорија да се обидам да го применам во пракса. Мојата позиција е природно опозициска, бидејќи сегашната власт ја оддалечува земјата и од европските интеграции, и од демократијата. Провладините структури се обидуваат на грбот да ми ги натоварат сите гревови на ВМРО-ДПМНЕ. Мојот одговор на таквите инсинуации е дека доаѓам од вон кругот на таа партија, дека секогаш ги критикувам лошите политики, дека ја критикував и владата на ВМРО, како на пример реформата во образованието на министерот Никола Тодоров“.

Прашана за Преспанскиот договор и промената на името – кои опозицијата не ги прифаќа, Силјановска одговара:

„Предупредувавме дека промената на името не ги решава клучните прашања, а наместо тоа ја отвара Пандорината кутија на судири и оддалечување на земјата од реформи. Отвореното писмо го потпишаа седумдесетина значајни имиња, меѓу кои и Милан Кундера. Преспанскиот договор како колатерална штета го има уривањето на уставниот систем. Немам овде доволно простор да ги набројам сите инстанци во кои се прекршени законите, но прекршена е и Виенската конвенција за меѓународни договори. Референдумот, пак, беше приказна сама за себе. Македонија денес има октроиран устав, кој не е демократски општествен договор. Властите не само што се одрекоа од постоењето на македонско малцинство во соседните држави, туку и на македонскиот народ му го поништија правото на самоопределување (остварено во 1944 година). Македонците се ‘изедначени’ со помалите етнички заедници. Атрибутот ‘македонски’ се употребува само во етничка смисла, а никој не знае како се вика нацијата/демосот на оваа држава. Сè се тоа нешта од принцип, а не од политичка или партиска природа.“

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Прашана што планира да направи по тоа прашање ако биде избрана за претседателка, Силјановска одговара:

„Планирам да го држам прашањето отворено, формирајќи меѓународна група експерти кои ќе напишат извештај за кршењето на националното и меѓународното право, а потоа ќе делуваме по тие наоди. Кога зборуваме за европските интеграции, власта го изгуби компасот: наметнувајќи го Преспанскиот договор, покажа тотална неспособност да спроведе макар и една единствена реформа. Македонија назадуваше и не е чудо што од Брисел доаѓаат пораки дека сè уште не сме подготвени за почеток на преговорите.“

На констатацијата дека поларизацијата на политичките партии ги подели и македонските граѓани и на прашањето зошто Македонците не се обединат, Силјановска одговара:

„Ако уште од 2001 година, па и порано, меѓуетничката делба беше таа што беше најголемиот проблем за кохезијата во земјата, во последните години се поделија Македонците. Јас се обидувам да ги обединам граѓаните околу идејата за владеење на правото и правдата, што е и мое лично кредо. Демократијата бара граѓани и мораме да се спротивставиме на власта која во своите раце ги има тајните служби и медиумите, па дури и симпатиите на меѓународната заедница, како награда за добро завршената задача“, вели Силјановска, алудирајќи на потпишувањето и изгласувањето на Преспанскиот договор и покрај евидентното отсуство на национален консензус.

Целото интервју прочитајте го на „Politika“.

- Реклама -