Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во моментов не планира да го свика националниот Совет за безбедност во врска со наводите за постоење индиции за дестабилизација на државата. Најави дека седница на Советот може да биде одржана по неговото комплетирање, а темите, како што посочи, ќе бидат она за што денес се расправа глобално и во Европа, а тоа е каде оди и што се слулува во светот.
– Индиции за дестабилизација се едно, закани за дестабилизација се друго, но реалноста е поинаква. Реков дека нема да го свикам Советот зашто мислам дека во ова време неверем кога треба да се справуваме со пожарите како стихија, ние се соочуваме и со други закани под наводници. Не гледам дека тие закани се реалност во моментов, изјави Сиљановска Давкова, одговорајќи на новинарски прашања во Охрид каде што учествуваше на отворањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски, јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Затоа, вели, нема намера да свика седница на Советот за безбедност, но тоа може да се случи по неговото доекипирање.
– Мислам дека е дека е добро еден член да биде некој кој нема ништо со политика и партии, туку е експерт за климатски промени и климатска заштита, и тоа веќе се согласи. Другиот да е експерт за евроинтеграции бидејќи се што правиме е врзано со нашето враќање во Европа каде што ни е местото. И третиот треба да е експерт за глобализацијата, која веќе не е само американизација, туку гледаме мултиполарен свет, а се соочуваме и со војна што е пораз за целото човештво и за сиот свет, бидејќи и европскиот проект е мировен проект, ОН се мировен проект, рече Сиљановска Давкова.
Најави дека по комплетирањето Советот за безбедност би свикала седница за да се расправа за она за што денес сиот свет го рзгледува – а тоа е каде оди светот, што се случува денес, тема која годинава ќе биде главна и на Генералното собрание на ОН, за мирот бидејќи, како што наведе,„ да ветуваме вечен мир, а да се сочиме со војна во 21 век е пораз човештвото и на мировната идеја на ОН“.