52-годишната Стефани Херфел е уверена дека нејзиниот сибириски хаски ѝ го спасил животот, и тоа повеќе од еднаш. Таа тврди дека нејзиниот куќен љубимец ѝ го намирисал ракот.
Првпат се случило во 2013 година: „Еден ден ја стави својата муцка на долниот дел од мојот стомак и толку долго ме душкаше што помислив дека нешто сум истурила врз себе. Дури трипати го повтори тоа, а потоа избега и се сокри од мене“, раскажува Стефани.
Низ многуте обиди да си го објасни однесувањето на нејзиното куче, низ глава ѝ поминало и да оди на гинеколог. Тоа и го направила, а лекарот ѝ соопштил дека има циста на јајниците, па ѝ препишал лекови. Меѓутоа кучето продолжило чудно да се однесува. Бегало, па дури и се криело во ормарот. „Беше морничаво да се гледа Сиера (така се вика кучето) колку беше исплашена“, раскажува Стефани. Неколку недели подоцна таа се вратила на уште еден преглед, при што било констатирано дека има рак на јајниците.
Откако била подложена на операција – целосна хистеректомија (отстранување на репродуктивните органи), како и отстранување на зафатената слезина, а потоа и на хемотерапија, Стефани мислела дека болеста е минато. Сé до еден ден во 2015-та, но потоа и во 2016-та, кога Сиера повторно не ѝ се приближила, ја помирисала како и првиот пат, и се скрила свиена на подот во ормарот. Тестовите покажале дека и во двата случаи ракот се вратил.
Денес Стефани е здрава, но верува дека тоа би било невозможно без помошта од нејзиното куче. Докторот на Стефани го потврдил тоа што таа веќе го знаела – дека кучињата можат да намирисаат рак, и тоа со голема прецизност. Дека тоа е така Сиера покажала уште во една прилика – кога Стефани ја посетила нејзина пријателка, за која исто така се покажало дека има рак на јајници.