Сибиха: Русија може да се натера на мир само со сила

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска во Варшава побара од Полска и западните сојузници да ја зголемат воената помош, особено за антиракетната одбрана на Украина, бидејќи најновите чекори на Русија водат до ескалација на конфликтот и Москва може да се натера на мир само со сила.

– Русија презеде низа неприфатливи чекори кои ја зголемуваат агресијата. Ангажирање на севернокорејската армија, напади врз објекти за нуклеарна енергија или напади со балистички ракети. Русија покажува дека не сака мир, сака само војна, што значи дека на мир може да биде натерана само со сила, рече Сибиха на заедничката прес-конференција со шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски.

Украинскиот министер предупреди дека за да се принуди Русија да склучи мир, западните сојузници мора да ја зголемат помошта за Украина во областа на противракетната одбрана и противвоздушната одбрана, а исто така очекува 15-ти пакет санкции против Русија од западот.

– Повторно ја покренувам темата Полска да и ги даде на Украина своите авиони МИГ-29. Разбираме дека Полска мора да го брани своето небо и разговараме со сојузниците за да помогнат во одбраната на источната граница на Полска. Ни требаат одлуки од сојузниците во врска со соборувањето на руски ракети над Украина, рече Сибиха.

Украинскиот министер додаде дека помошта на Западот треба да оди и кон зајакнување на украинската воена индустрија за да не мора да зависи од испораките од сојузниците во критичните моменти.

Прочитајте и:  Москва подготвува одговор на ракетните напади со ракети АТАКМС врз Курскиот регион

Полска, и покрај барањата на Киев, одбива да и ги даде на Украина своите последни авиони МИГ-29 додека не може ги замени со нови Ф-35 што ги купи во САД или со борбени авиони што ги набавува од Јужна Кореја, а владата на премиерот Доналд Туск одбива еднострано без заеднички одлуки на НАТО, да почне да соборува руски ракети на територијата на Украина кои би можеле да влезат во Полска, што исто така Киев неуспешно го бара.

Шефовите на дипломатиите на Украина и Полска денеска се согласија дека главна цел сè уште е Русија да ги врати окупираните територии, дека единствената гаранција за мир во Европа е Украина да влезе во НАТО и оти не може да се водат мировни преговори и да се постигнуваат компромиси без согласност на Украинците.

Украина мора да си ги врати териториите во меѓународно признатите граници. Во случај на почеток на мировни преговори, кои според нас не се на повидок кога гледаме сè побрутални напади од Русија, секое решение мора да биде прифатено од нашите украински пријатели, рече Шикорски.

- Реклама -