Шведски рецепт за поздрави деца

Културните разлики се факт, а и воспитувањето на децата не е исклучок. Се разликува од земја до земја и од регион до регион, па некои нешта што нас овде скоро и да не ни паѓаат на ум, во некои други делови од светот се сосема вообичаени. Да позборуваме малку за Шведска и тоа како таму ги растат децата.

Во Шведска, но и Данска и Норвешка, сосема е нормално бебе да седи надвор на многу ниски температури, па и често ќе видите добро повиени/облечени/покриени бебиња во колички оставени да спијат надвор во парк или пред кафулињата додека родителите внатре пијат некој топол чај или кафе. На нашиве простори такви слики нема да затекнете. Овде делува како сите да се плашиме од студот и природните услови кои ги носат различните годишни времиња. Овде родителите попрво ќе внесат бебе во загушлива, па дури и задимена од цигари просторија, отколку што ќе го остават надвор во зима.

А всушност, штетноста на просторијата во која се пуши е далеку поголема за бебето отколку штетноста на студот. Истото важи и за затворените простори. Штом застуди, парковите на нашево поднебје остануваат празни, а трговските центри и игротеките се полни со деца. Родителите како да не се свесни дека опасноста од разболување е всушност многу поголема во овие затворени простории со многу луѓе, отколку надвор на ладно. Да, доколку детето измрзне бидејќи не е соодветно облечено, тоа доведува до ослабување на имунитетот и тоа го прави поподложно на вирусни и бактериски инфекции. Но доколку детето е адекватно облечено, баш и не може да се разболи така лесно како што мислите, бидејќи причината не е самиот студ.

 

Еве како тоа го објаснуваат пулмолозите, на пример:

Кога ќе пристигне студеното време, зачестеноста на респираторните инфекции навистина расте. Но не е во прашање самиот пад на температурите. Една голема метаанализа (анализа на поопширната медицинска литература и претходни истражувања) од 2002 година покажува дека самото разладување не го зголемува ризикот од преладување. Позначајна е брзината со која доаѓа до промена на температурата. Причината е што при брзиот пад на температурата, при излегување надвор доаѓа до собирање на крвните садови на слузокожата на дишните органи, што ги прави поподложни на инфекции. Сличен ефект се забележува и летно време кај лицата кои влегуваат во простории со многу ниски температури и клима пуштена на максимум. Следствено на тоа, ако сте активни надвор на студот, ризикот од инфекции не е толку многу повисок – децата кои играат надвор имаат топла кожа и слузокожа, па студот не им пречи.

Прочитајте и:  Шведска и Финска ги повикуваат граѓаните да бидат подготвени за можноста за војна

Другата причина за зачестените респираторни инфекции во постудените месеци е токму социјална – луѓето во постудените периоди поминуваат повеќе време внатре, па вирусните инфекции полесно се шират. Повеќето респираторни вируси не се отпорни повеќе од еден час на температури под нулата, па излегувањето на ладно всушност го намалува ризикот од инфекции. Наспроти тоа, респираторните вируси на температури од околу 20 степени можат да бидат инфективни и по десетина часа. Со други зборови, не е превенција децата да не излегуваат на ладно, туку во често миење на рацете и честа примена на алкохолни влажни марамчиња, за да се дезинфицираат рацете.

Колку часа дневно надвор се препорачуваат за бебиња и деца?

При температури до -10 степени, создавањето на топлина на телото е такво што нема негативни ефекти на функционалноста на имуниот систем на детето. Напротив, истражувањата покажуваат дека поминувањето до 60 минути надвор во игра со умерен интензитет, доведува до сузбивање на речиси сите запаленија кај детето. Но ако родителите забележат дека детето се тресе од студ, треба веднаш да го внесат внатре, бидејќи тогаш организмот е под стрес и има негативен ефект на имуниот систем.

„Рецептот“

 

Рецептот за поретки воспаленија и настинки во текот на зимата е едноставен – секојдневно поминување по околу еден час надвор, низ игра и во пакет со добра облека која спречува потење на детето. Не треба да се претерува со количината на облека, бидејќи детето не може да игра во неа, а потењето го зголемува ризикот од заболување. Капата на главата е задолжителна, а ако температурата е под -10, задолжително е и шал преку устата за да се спречи разладување на усната и носната шуплина. Исто така, топли и удобни обувки за нозете да не бидат влажни.

По враќањето дома, задолжителен е топол напиток и пресоблекување. Се препорачува обилен внес на свежо овошје и зеленчук; секое обоено овошје како аронија, боровница, капини – содржи големи количини антоцијанини, кои се одлични антивирусни лекови. Се препорачува и додаток на витамин Д (најдобро во форма на рибино масло), морков (витамин А), и препарат со микроелементи (цинк, бакај, јод и селен, магнезуим).

Се разбира, настојувајте избегнување на простории во кои се пуши. Потребен е и редовен сон од најмалку 8 часа. Често миење раце и замивање – за да се отстранат вирусите од кожата.

- Реклама -