Седумкратниот светски Формула 1 шампион, како што потврди неговото семејство, веќе не се наоѓа во болницата во Гренобл.
Шест месеци по скијачката незгода, легендата на Формула 1, Михаел Шумахер ја напуштил болницата во Гренобл и ќе продолжи со рехабилитацијата. Според информацијата, Шумахер слуша гласови и реагира на допир, пренесува Eurosport.
„Тој може да комуницира со оние околу него, особено со сопругата Корина и неговите деца. Во моментов состојбата на Шумахер е доволно стабилна, така што веќе не му е потребна негата на специјалистите во Гренобл“ – пренесува Bild.
Веста за состојбата на Шумахер беше објавена преку официјално соопштение.
„Михаел ја напушти болницата Гренобл за да го продолжи долгиот процес на рехабилитација. Тој повеќе не е во кома“ – стои во соопштението.
Во соопштението семејството на Шумахер се заблагодари на сите од болницата во Гренобл кои помогнаа да се подобри неговата состојба, како и на сите луѓе кои испратија пораки за брзо опоравување. Сепак, тие дополнуваат дека понатамошната рехабилитација ќе се одвива настрана од очите на јавноста.