Што всушност се случува кога ти трне раката

Си спиел подолго време со раката превиткана во неприродна позиција под главата, и веќе речиси и да не ја чувствуваш. Или долго време ти била превиткана ногата, и сега не можеш да застанеш на стапалото. Кога ова се случува, велиме дека ногата/раката ни трне.

Ова губење на чувството, често за рацете и нозете, е предизвикано од „привремена компресија на нерви“, вели Ребека Троб – асистент професор по неврологија на UNC School of Medicine. Кога нервите се „прецвикани“, не ги комуницираат сигналите до ‘рбетот и мозокот како што треба.

Нервите пренесуваат електрични сигнали како вода што тече низ црево, објаснува Стивен Вернино – професор по неврологија на University of Texas Southwestern Medical Centre.

Сигналите се пренесуваат до ‘рбетот и мозокот од одредени делови на телото во кои се случува нивното препознавање, пред потоа телото да испрати порака назад. На пример, ако допрете жешка рингла, нервите во раката „испукуваат“ сигнал до рефлексниот центар во кој сигналот е интерпретиран како болка, што предизвикува да ја тргнете раката.

На ист начин како водата што запира кога ќе превиткате црево, моторните сигнали во нервите не можат да се движат ако нозете ви се прекрстени или зглобот ви е превиткан (колку за илустрација, константната бесчувствителност или слабост во зглобот меѓу раката и дланката се вика карпално-тунелен синдром).

Што се однесува до нозете, „еден нерв во ногата кој често е притиснат е фибуларниот нерв“, пишува Троб во мејл за Business Insider, „кој патува околу страната на коленото и често е прецвикан кога луѓето седат со прекрстени нозе на подолг период“.

Честата заблуда е дека сензацијата на немање чувство е предизвикана од недостаток на проток на крв, истакнува Троб. Тоа е можно да се случи – да го прекинете дотокот на крв во екстремитетите, но тоа е ретко, додава Вернино.

Чувството на боцкање од игли, пак, што го доживуваат луѓето кога ногата или раката ни „трне“, се случува кога нервите почнуваат да си ја враќаат функцијата. Тогаш стапалото или екстремитетите се „будат“. Кажано медицински, се работи за парестезија.

Имено, при подолг застој на сигналите во нервите, чувството станува сé понепријатно, па дури и болно. Како резултат, ве предизвикува да ја смените позицијата и да овозможите непречена работа на нервите.

Но во случај на продолжено прецвикување, на пример кај неподвижни лица или лица под седативи, овој тип на компресија може да предизвика трајно оштетување на нервите, предупредува Троб.

- Реклама -