Македонија загуби во вчерашниот дуел со Хрватска, кој беше одлучувачки за позицијата во групата на Светското ракометно првенство во Катар.
Да погледнеме што велат ракометарите после нашиот прв пораз:
Филип Миркуловски: Сакавме да ја победиме Хрватска
„Имавме убава можност да ги совладаме Хрватите. Добро го започнавме натпреварот и кон средината на првото полувреме водевме со четири гола разлика. Сепак, повторно ни се случи десетина минути да не постигнеме гол, што искусните Хрвати знаеја да го искористат. Овој пат немавме сили да се вратиме во игра, како на претходните средби. Ова беше наш четврти натпревар и можеби сме малку изморени. Но, чесно загубивме. Не калкулиравме на средбата и сакавме да ја совладаме силната Хрватска и да го освоиме првото место. Сега ќе мислиме на Австрија, со која ќе имаме тешка задача. Се работи за компактна репрезентација, а време за подготовки немаме. Мораме да се мотивираме, да ја совладаме Австрија и да го освоиме второто место, кое ќе ни донесе полесен противник“.
Ренато Вугринец: Дел од новите правила го убиваат ракометот
„Денеска сме биле сериозен партнер во сите 60 минути од средбата. Игравме против една Хрватска, која е ракометна велесила и, кога повторно ја враќам средбата, мислам дека имавме можност за подобар резултат. Но, не можевме да ја задржиме концентрацијата, а големите репрезентации знаат да ги искористат своите пет минути. Не сакам да го коментирам судењето, кое овде е специфично. Некои нови правила го убиваат ракометот, а грешки се прават на двете страни, па кој како ќе ги искористи. Мислам дека Хрватите подобро ги искористија овие грешки и нашата деконцентрираност“.