Штајнмајер: Ви благодарам за подготвеноста за компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија, убеден сум дека на крајот ќе се исплати

„Северна Македонија се наоѓа пред една важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како на пример економската политика или владеењето на правото. И јас сум тука за да ве уверам дека вашата земја може и понатаму да се потпре на поддршката на Германија на патот кон ЕУ“, порача денеска во Скопје германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин – македонскиот претседател Стево Пендаровски.

„Јас сум многу свесен дека Северна Македонија на својот пат кон ЕУ беше конфронтирана со особени потешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа со Грција. Вие дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики, но се разбира само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност за компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија, Ви благодарам. Јас сум убеден дека овој став на крајот ќе се исплати, ќе вреди“, рече Штајнмајер во своето обраќање.

Тој потенцираше дека оваа негова посета на земјава се случува 15 години по последната посета на германски претседател, но доаѓа, како што рече, во особено важен момент. Со членството во НАТО и со тековниот процес за пристап во ЕУ, државата донела за себе клучна одлука за правецот во кој ќе се движи, одлука за иднина во мир и во слобода и во една рамка која ќе му ги понуди на стопанството најдобрите можности за развој, оцени Штајнмајер.

Германскиот претседател го честиташе и почетокот на преговорите со ЕУ во јули годинава и потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик, оценувајќи дека тоа е признание за улогата на Северна Македонија како сигурен партнер којшто е подготвен и меѓународно да преземе одговорност за лидерство.

„Останува важно Северна Македонија да продолжи понатаму со својот внатрешен реформски процес. Вие кажавте дека овој реформски процес ќе биде продолжен и јас сакам да ви кажам дека вашата земја може да се потпре на поддршката од Германија и понатаму. Ние отсекогаш сме ги поддржуваме ЕУ перспективата на Северна Македонија, како и можноста за пристап на Западен Балкан и се залагаме за прием на овие земји во ЕУ. Со еден збор, Северна Македонија е дел од европското семејство. Со својата култура и јазик, вашата земја, во тоа сум убеден, ќе ја збогати ЕУ и уште повеќе ќе ja зголеми различноста на оваа заедница, не само на културен план“, рече шефот на германската држава.

Прочитајте и:  Главчев: Ќе ги потсетам европските лидери кои се условите за прием на Северна Македонија во ЕУ

Тој нагласи дека во заедничката надворешна и безбедносна политика земјава речиси стопроцентно се усогласи со надворешните политички позиции на ЕУ.

„И во ОН, Северна Македонија исто така ги поддржува позициите на ЕУ. Северна Македонија како најмлада земја членка на НАТО е доверлив партнер, кој дава значаен придонес за нашата колективна одбрана“, додаде Штајнмајер.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека е посебно значајно за нас што оваа посета се реализира во годината кога конечно после многу одложувања ги започнавме преговорите со ЕУ и кога ни е неопходна поддршка за забрзување на тој процес.

„Во време кога вербата во европските интеграции во целиот регион е разнишана во овој сензитивен период, повеќе од потребна ни е помош од големите европски демократии, од предводниците на идејата за обединет континент. Сојузна Република Германија е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери, а германските власти веќе три децении во континуитет ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и нашиот регион“, рече Пендаровски заблагодарувајќи се за недвосмислената поддршка што ја добиваме од Германија.

Двајцата претседатели разговарале и за руската агресија врз Украина, за што споделуваат исти мислења.

„Во актуелната тешка политичка ситуација која што е обележана со војна во центарот на Европа, ние сме едногласни дека токму во оваа ситуација мораме да стоиме едни покрај други. Вашата земја навистина даде значителен придонес за поддршка на Украина. Северна Македонија и по цена на економски потешкотии го даде својот придонес за да може да остане економскиот притисок врз Русија“, рече Штајнмајер.

Тој се осврна и на последниот самит на Берлинскиот процес, што се одржа неодамна а на кој, како што рече, е постигнат клучен напредок во регионалната соработка на Западен Балкан со потпишување три спогодби за мобилост, за меѓусебно признавање на факултетски и стручни дипломи и можноста за патувања само со користење на лични карти.

Извор: МИА

- Реклама -