Шродер ја отфрли можноста да игра за Баерн по враќањето од НБА


Капитенот на германската кошаркарска репрезентација Денис Шродер изјави дека играњето за Баерн Минхен по заминувањето од НБА лигатане е опција за него.

„Нема шанси“, изјави 31-годишниот играч на Бруклин Нетс за онлајн порталот ran.de во интервју објавено во вторникот.

„Брауншвајг е мојот тим и кога ќе дојдам во Германија, ќе играм само за Брауншвајг. Нема да играм за ниту еден друг клуб“, објасни тој.

На неговата листа со желби е враќањето во Брауншвајг, во кој акционер е и самиот Шродер.

„Дефинитивно морам да се вратам во Брауншвајг. Оттаму почнав. Тоа би го направило клубот поголем. Сакаме да го достигнеме врвот во Европа. И Баерн беше на почетокот, а сега е многу високо. Гледам Баерн – фудбал и кошарка – како им оди. Секако дека сакам да внесам и НБА стил“, изјави МВП-то на Светското првенство во 2023 година, каде Германија изненадувачки го освои златниот медал.

По овогодинешниот олимписки турнир во Париз кормилото на репрезентацијата го напушти селекторот Гордон Херберт, кој го презеде раководството на евролигашот Баерн, а на негово место дојде Шпанецот Алекс Мумбру.

Шродер се надева дека оваа генерација ќе остане заедно уште некое време.

„Мислам, кој сега не сака да биде дел од тоа… Луѓето зборуваат за златната ера и затоа треба да се држат заедно што е можно подолго“, заклучи 31-годишниот плејмејкер.

Првото големо натпреварување за германската кошарка под водство на новиот селектор ќе биде Европското првенство во 2025 година, за кое во моментов се играат квалификациите. Германија е во групата со Црна Гора, Бугарија и Шведска, а три од овие четири репрезентации ќе се пласираат на Евробаскетот. На последниот Евробаскет, одржан во 2022 година, кога Германија беше еден од кодомаќините, германските кошаркари го освоија бронзениот медал.

- Реклама -