Би било фино кога со купените парчиња облека би добивале и бесплатна закачалка за во плакарот, не? Со новиот редизајн на хартиените шопинг-ќеси, ова е сосема возможно. Со само неколку превиткувања, Handbag се трансформира во закачалка, доволно силна да издржи се, од кратките и лесни парчиња, до потешки зимски капути.
Ќесата е дело на Парин Сангви, Шрути Гупта и Мохит Сингви, а се води од принципот на преобразба на намената и максимална ефикасност на дизајнот. Наместо да ги охрабрува купувачите на рециклирање, оваа ќеса доаѓа со инструкции кои ќе ви помогнат со само неколку едноставни оригами техники да ја претворите во целосно функционален нов предмет.
Можеби нема да биде најубавата во вашиот плакар, но важно е дека Hangbag е бесплатна и функционира, а воедно и ги прави хартиените ќеси еднакво корисни со нивните пластични „колеги“.