Берлин, 7 март 2022 (МИА) – Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека увозот на енергенси од Русија е клучен за секојдневниот живот на европските граѓани и оти во моментот континентот не може да ги обезбеди на друг начин.
„Додека во САД и во ЕУ се разговара за санкции против руските енергетски извори како одговор на инвазијата врз Украина, снабдувањето на енергија на Европа за греење, мобилност, електрична енергија и индустрија во моментов не може да се гарантира на кој било друг начин“, се наведува во пишаната изјава на Шолц.
Тој додаде дека Европа намерно ги исклучи енергенсите во првите санкции против Москва, бидејќи таквата мерка ќе го дестабилизираше пазарот и ќе имаше пресилно влијание на европската економија.
„Германија е меѓу оние земји од ЕУ кои се во голема мера зависни од увоз на гас, нафта и јаглен од Русија. Берлин работи на развивање алтернативи за руската енергија. Но, тоа не може да се постигне од денеска за утре“, истакна Шолц.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пак, во вчерашното интервју за телевизијата Ен-Би-Си изјави дека САД и европските партнери размислуваат за забрана на увоз на руска нафта.
„Во многу активни разговори сме со нашите европски партнери за забрана на увозот на руска нафта во нашите земји, секако во исто време и за одржување на стабилно глобално снабдување со нафта“, посочи Блинкен.
САД и украинскиот претседател Володимир Зеленски сакаат Брисел да воведе санкции на увозот на руска нафта, со што се согласуваат земјите од Источна Европа, додека балтичките држави се чувствуваат изложени на руската закана. Додека Германија и Италија стравуваат од пораст на цените на енергенсите.